Во дворот на училиштето поставен првиот паметен велосипедски паркинг во државата

Во дворот на училиштето деновиве вработени во ЈПКД „Комуналец“ – Струмица го монтираа првиот паметен соларен држач за велосипеди во државата.

Овој „соларен паркинг“ не е еден обичен велосипедски паркинг, туку, освен 13-те држачи за велосипеди, опремен е со 4 соларни панели кои сончевата енергија ја претвараат во електрична енергија.

Паркингот има своја табла и шанк подлога, опремена со LED осветлување на која се поставени уреди кои може да се користат за полнење на батеријата на паметен телефон, лап топ, таблет, како и можност за безжично полнење.

Паметните уреди даваат можност преку Wi-Fi рутер да се добијат локални податоци и активно мерење на температурата и квалитетот на воздухот. Конструкцијата на оваа инсталација е од галванизиран челик од против-вандалски производ.

Ова е прв ваков паркинг за велосипеди во државата. Истиот е проект на еколошкото друштво „Планетум“ од Струмица и Секторите за локален економски развој (ЛЕР) и за заштита на животната средина при општина Струмица.

Ова е иновативен пристап кон грижата за животна средина и истиот треба да биде пример и мотивација за институциите и за заинтересираните граѓани и младите кои ќе се насочат во овие области да се размислува на претварање на Струмица во штедлив и паметен град (ан. smart city).