Математичарите се вратија со награди од 62-от државен натпревар, четворица ќе одат на ММО

Изминатата сабота во просториите на Машинскиот факултет во Скопје се одржа 62-от по ред Државен натпревар по математика за учениците од средните училишта. Нашите математичари и овој пат успешно го претставија нашето училиште и се вратија со награди, а четворица добија право да учествуваат на Македонската математичка олимпијада во април.

Од I година, под менторство на професорот Петруш Џорлев, ученикот кој учествува на низа државни и меѓународни натпревари во повеќе области и секогаш се враќа со награди, Димитар Џорлев, ја освои првата награда, а учениците Димитар Трајков и Раде Перовановиќ ја освоија третата награда. И тројцата се здобија со право на учество на Македонската математичка олимпијада (ММО).

Нашиот веќе докажан математичар, учесник на многу математички државни и меѓународни натпревари и олимпијади и освојувач на многу медали, признанија, сертификати и пофалници, ученикот од IV година Дмитар Звонимир Митев, под менторство на проф. м-р Елена Лазарева ја освои втората награда и обезбеди учество на најпрестижниот математички натпревар во државата, Македонската математичка олимпијада (ММО).

На натпреварот нашето училиште го претставуваа и учениците Елеонора Лазарова од I година, под менторство на професорот Петруш Џорлев, Марта Вучкова и Васил Бунгурџиев од II година, под менторство на професорката Елизабета Витанова и Крсте Симеонов од IV година, под менторство на проф. м-р Елена Лазарева. За своето учество учениците добија пофалници од организаторите.