Матурантите добија совети за кариерно насочување во дигиталните професии

На 6-ти Февруари, учениците од IV година од СОУ „Јане Сандански“ – Струмица имаа можност да се запознаат со Source MX Academy, академија која организира бесплатни настани преку кои може да се научи за кариера во програмирање, дизајнирање, менаџирање на социјални медиуми, финансии и како до работа на интернет. Соработката со академијата е воспоставена минатата година кога за првпат учениците од IV година година во рамките на проектната активност Советување за кариера имаа можност преку излагањето на тимот од академијата предводен од основачот на истата, Глигор Ризов, и група млади ентузијасти, одблизу да се запознаат со процесот на градење кариера.

И оваа година тимот од професори кои ја спроведува оваа проектна активност, Катерина Милушева, Гордана Василева Вукашиновиќ, Јованка Михаиловиќ и Софија Тошева, заедно со учениците имаа можност да поминат еден интересен школски час на тема Кариерно насочување во дигиталните професии, исполнет со импресивна животна приказна на Кристијан Арапов, ученик од нашата гимназија, кој пред 6 години излезе од овие училишни клупи, и начинот на кој тој започнал да ја гради својата кариерна патека. Основачот на академијата, Глигор Ризов, најмногу посвети внимание на настаните кои во нивната академија можат да се посетуваат, а се важни за понатамошниот развој на матурантите, како на приватен, така и на професионален план.