Одбележавме 108 години од смртта на патронатот Јане Сандански

Горди сме на великанот чие име гордо и одговорно го носи училиштето. На свеченоста во чест на патронот, Директорката читаше извадоци од книгата на д-р Александар Литовски – „Пофална епистола за Јане Сандански и санданизмот“, истакнувајќи дека делото на Јане Сандански е вистинската одбрана на Македонија од негаторските политики, а неговите ставови и размислувања биле толку визионерски, што голем дел од нив се актуелни и лесно применливи и во денешното политичко опкружување во регионот.

На свеченоста освен вработените во училиштето цвеќе во чест на Сандански положија Градоначалникот на Општина Струмица Костадин Костадинов, Претседателот на Советот на Општина Струмица и претставници на Сојузот на борците од НОВ.

Традиционално, со почеток во 20 часот, во Центарот за култура ,,Антон Панов” се одржа музичко-сценски перформанс под наслов ,, Пролетна љубов во септември
” чија тема беше младешката љубов. Токму таа љубов учениците преку глума и танц како и музиката и стиховите на Владо Јаневски ја искажаа пред публиката. Учествуваа членовите на оркестарот под менторство на професорот Денис Кирчанов
и хорот под менторство на професорката Анита Станковска, како и членови на драмската и балетската секција кои го изведуваа драмскиот текст на професорката Катерина Милушева.

Преполната сала и громогласниот аплауз беше доволен доказ дека и оваа година нашето училиште успешно и достоинствено одбележа уште еден патронен празник.