Онлајн наставата отвора нови можности за образовниот систем

Пандемијата на коронавирусот донесе нови предизвици за македонското образование. Образовните институции беа принудени согласно владините препораки за да се спречи ширењето на коронавирусот и да се избегне групирање на поголем број лица, да воведат онлајн настава. Но, добар дел од основните, средните училишта, па и високо-образовните установи се соочија со неподготвеноста, но и добрите и лошите страни на овој вид настава заради што се наметна потребата од дебата за ефикасноста на онлајн образованието. Неколку студенти од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство деновиве направија анкета дали треба во иднина да се продолжи со примена на овој вид образование како идентична опција на редовна настава во училиштата и факултетите.

Студентите на ФИНКИ, за време на пандемијата и рестрективните мерки, предавањата може да ги следат на два начини. Првиот е онлајн вклучување во живо, во одреден термин, додека другиот начин е откако предавањето ќе заврши. Катерина Донкова, студент на факултетот, ја посочува предноста што предавањата на нејзиниот факултет се достапни откако ќе се одржат. Таа вели дека може да го слуша предавањето и да се навраќа на истото колку што е потребно.

Но онлајн образованието не е толку лесно за применување, потребна е организирана примена на истото, предупредуваат студентските организации. Според нив еден од предизвиците е проверката на знаењето чиј квалитет мора да биде загарантиран. Студентите овој период ги полагаат испитите од јунската сесија кои според властите ќе може да ги полагаат онлајн или со физичко присуство, со почитување на владините препораки.

На анкетата која ја направија студентите од ФИНКИ одговорија 240 испитаници, претежно студенти, но и средношколци од нашето училиште. Голем дел од испитаниците одговориле дека се запознаени со функционирањето на онлајн образовниот систем. Анкетата е насочена кон важноста на имплементацијата на нов начин на онлајн студирање, велат студентите. Тие сметаат дека опцијата како избор за студирање при запишување на факултет би била од помош за многу од студентите кои немаат нормални услови за студирање, како и за оние кои сакаат тоа да го спроведат од својот дом, или пак независно од локацијата во која се наоѓаат.