Програмерите учествуваа на семинар во Делчево со роботот Јане

Триесетина наши ученици учествуваа на едукативниот форум за млади „Претприемништво и високи технологии“ кој се одржа овој петок во Делчево. На форумот се работеше на темите роботика и вештачка интелегенција, а нашите ученици го презентираа и сработеното со училиштниот робот Јане.

На форумот учествуваа околу 250 ученици. Тие ги проследија настапите на Бисер Манолов од Форбес Бугарија со говор за иднината на криптовалутите и Борис Христов од агенцијата 356 Лабс кој зборуваше за тајните на впечатливите презентации. Учениците потоа имаа можност да се научат да работат со 3D принтери.

Нашите ученици под менторство на професорите Софија Тошева, Славица Милева Ефтимова и Бобан Цветковиќ пред присутните ја презентираа програмата која ја изработија во програмскиот јазик Пајтон за интерактивна игра со роботот Јане, успешен проект на нашето училиште, дел од проектот Пробот на програмата на Европската Унија, „Еразмус Плус“. Присутните го погледнаа кодот за Јане и имаа можност да ја пробат играта.

Во интерактивната игра, роботот Јане генерира по случаен редослед бои и ги сместува во еднодимензионално поле. Кога ќе ги изговори боите, играчот треба да ги внесе во истиот редослед. Доколку картичките се во дадениот редослед, играчот победува. Практичната примена е учениците да ја сфатат потребата од користење на еднодимензионално поле во процесот на програмирање.