Свечено промовирана училишната продавница за здрава храна „Purgatorio“

Со свечена промоција во просториите во нашето училиште каде што ќе работи, денеска официјално беше промовирана училишната продавница за здрава храна „Purgatorio“. Продавницата треба официјално да ја започне својата работа на почетокот на месец март годинава.

Оваа продавница е исход на успешното залагање на нашите ученици и персоналот во училиштето, она што беше идеја на пет наши ученички, претставена на работилница за ученици за социјално претприемништво, да се претвори во вистинска продавница, во која учениците, персоналот и сите заинтересирани граѓани ќе може да набават здрава храна и истата да ја применат во секојдневието.

Како дел од петте избрани иновативни проекти од работилницата кои треба да бидат имплементирани, идејата на нашите ученички за „Purgatorio“ првично доби парична помош од 2000 евра од УНИЦЕФ. За целосната реализација на проектот потоа помогнаа и Општина Струмица, неколку добронамерници од Струмица и земјава, како и неколку приватни фирми.

Приватните фирми кои ја помогнаа реализацијата на идејата на нашите ученички се „Зо-го Промет“, „Елтеч“, „АГ&БМ“, „Еуроконект“, „Жикол“, „Тимас“, „Мкд Маркет“, златара „Златко“, „Струма Пром Плус“, „Разнопромет АС“, „Космополитан“ и „Бони Интерградба“.

„Purgatorio“ е идеја на нашите ученички Миа Јанева, Викторија Даниловска, Верица Ахтарова, Ивана Трајковска и Лина Стојанова кои, работејќи под менторство на професорките Македонка Манушева и Менче Џорлева, имаа можност да ја претстават истата под името „Енергични бомбици“ на up-shift работилница за социјално претприемништво кое минатата година се одржа во Маврово, а каде работеа во конкуренција со стотина други идеи на ученици од цела Македонија.

Покрај тоа што здравата храна во нашето училиште ќе може да ја купите од просториите на „Purgatorio“, сместени во приземниот дел на училиштето, каде што претходно функционираше Free Shop, и каде се наоѓа виртуелната ЈС Банка, истото ќе може да го направите и преку посебна веб-страница преку која секој ќе може да нарача намирници од менито на продавницата.