Се прават последните подготовки за карневалот

Претстојат уште пет дена до главниот настан на Струмичкиот Карневал. Следејќи ја традицијата која се создаде во училиштето, и годинава се работеше на маска со која нашето училиште ќе настапи на Интернационалната карневалска поворка во сабота. За овогодинашниот настап зборувавме со професорите вклучени во изработката и присуствувавме на пробата на учениците.

Годинава нашето училиште е второ во редоследот на тргнувањето на карневалските групи. Темата на училишната карневалска маска оваа година е музиката и истата го носи насловот „Господари на музиката“. Како и минатата година, нашата група влегува во категорија А.

Во изработката на маската годинава е вклучен целосно нов состав на помлади професори. Како што рекоа тие, за првпат влегуваат во организацијата и добиваат целосна поддршка од професорите кои претходно ја организирале училишната група за учеството на карневалот.

Аматерски фотографии од процесот на изработка на карневалската маска

Професорите велат дека кај учениците годинава имаше голем интерес за учество. Тие спомнаа дека иако првичната бројка се планирала да биде околу 60 учесници, групата сега брои стотина.

Училишната група оваа година финансиски е поддржана од фирмите Бучен Козјак, Златара Златко, Сеча и Грозд, како и Општина Струмица. Дел од средствата се обезбедени и од буџетот на училиштето.

Карневалските денови во Струмица ќе започнат оваа среда со доделувањето на симболичниот „клуч на градот“ на карневалистите и ќе завршат наредната среда со враќање на клучот на градоначалникот. Струмичкиот Карневал годинава слави 30 години од воспоставувањето на организирана форма.

Во четврток традиционално ќе се одржи средношколскиот маскенбал во организација на трите средни училишта во Струмица, со почеток од 21:00 часот во ноќниот клуб „Аватар“.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Оваа статија е создадена како дел од активностите на Ученичката секција за социјални медиуми. Автор на текстот: Кирил Ѓоргиев; на фотографиите: Митко Ников.