Спасувачките служби ги обучуваа учениците за евакуација за време на земјотрес

Претставници од неколку спасувачки служби вчера преку симулација ги обучуваа нашите ученици како да се однесуваат за време на елементарни непогоди. Тие во нашето училиште попладнето изведоа показна вежба за евакуација од зграда за време на земјотрес.

Вежбата беше изведена според план за евакуација и спасување на повредени од повисоките катови на училишната зграда. Таа е изведена како дел од проект за зголемување на отпорноста во општините од Југоисточна Европа насловен „SEE Urban“.

Сценариото на показната вежба беше дека 10 лица се повредени од земјотресот, кои потоа се извлечени од тимовите за прва помош. На погорните катови кои се отсечени од останатите делови на објектот, двајца се повредени и заглавени, кај кои интервенираат пожарникарите со помошни скали, помогнати од битолскиот Црвен крст со искуството во спасување од високи објекти.

Најатрактивниот момент доловен за време на изведувањето на показната вежба со сигурност е спуштањето со јаже на припадник на Црвениот крст.

Вежба во Јане Сандански: Евакуација од зграда при земјотрес

Gepostet von TV Kanal VIS am Freitag, 6. Dezember 2019

Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека целта на вежбите е младите да се стекнат со знаење и да го научат протоколот кој треба да се следи во случај на елементарни непогоди.

Секретарот на струмичкиот Црвен крст, Маријана Тошева, ги пофали учениците дека беа доследни на задачата. Според директорката на СОУ „Јане Сандански“, Невенка Стојанова, покрај останатите показни вежби на кои учествувале нашите ученици, оваа е една од покомплицираните.

Во вежбата беа вклучени екипи од општинските организации на Црвен крст од Струмица и Битола, претставници од Дирекцијата за заштита и спасување како и струмичките пожарникари од Територијалната противпожарна единица.