Наши ученици во март ќе дебатираат за подобра Европа на јубилејниот 10-ти YEYS настан

Нашето училиште е избрано како претставник од Македонија заедно со уште 33 други училишта од држави-членки и кандидати за членство во ЕУ за учество на настанот Твоја Европа, твој збор 2019 каде учениците ќе разменат идеи за подобра Европа со стотина нивни врсници и ќе дебатираат за претстојните избори во ЕУ.

Настанот Твоја Европа, твој збор (YEYS – Your Europe, Your Say) е во организација на Европскиот комитет за економски и општествени прашања (EESC – European Economic and Social Committee) и има за цел на младите од Европа да им овозможи да ги споделат своите мислења и истите да стигнат до Европската Комисија, Европскиот Парламент како и до Европскиот комитет за економски и општествени прашања.

YEYS 2019 ќе се одржи на 21 и 22 март наредната година  во Брисел и на настанот ќе учествуваат 99 ученици од 33 држави членки на Европската Унија и кандидати за членство во унијата. Настанот за 2019 година ќе им овозможи на учениците да дебатираат и на теми за претстојните избори на Европскиот Парламент кои треба да се одржат од 23 до 26 мај 2019 година.