Наставата во СОУ „Јане Сандански“ – Струмица се реализира согласно плановите и програмите за гимназиско образование и за четиригодишно средно стручно образование. Наставата во нашето училиште се реализира на македонски јазик.
ГИМНАЗИСКО ОБРАЗОВАНИЕ
Гимназијата е четиригодишна образовна форма која ги подготвува учениците за високо образование и за активно учество во општеството. Во гимназиското образование сите ученици ги изучуваат истите задолжителни наставни предмети, но останатите предмети се изборни, согласно интересот на ученикот. Освен стандардните гимназиски паралелки, во нашето училиште работи и експериментална гимназиска паралелка во која, согласно Deutsches Sprachdiplom I PRO програмата (DSD), германскиот јазик се изучува со 4 часа неделно.
На крајот од гимназиското образование, учениците полагаат Државна матура, која им овозможува да продолжат со високо образование на која било студиска програма, согласно критериумите за запишување на соодветниот факултет, или пак Училишна гимназиска матура, која им овозможува со стекнатата диплома и ниво на компетенции веднаш да се вклучат на пазарот на трудот, но без можност да продолжат на факултет.
Важно: Со решение број 13-4114/2 од 11 март 2026 година Министерството за образование и наука донесе нова Концепција за гимназиско образование, која е достапна на оваа врска (клик) на веб-страницата на Бирото за развој на образованието. Учебната 2026/2027 година во гимназиските паралелки на СОУ „Јане Сандански“ ‒ Струмица ќе се спроведува и реализира според новата концепција. Во документот е поместен и новиот наставен план за гимназиско образование. Забелешка: Во гимназиската паралелка која е дел од DSD програмата втор странски јазик е германски јазик и се изучува со 4 часа неделно.


ЧЕТИРИГОДИШНО СРЕДНО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ
Гимназијата „Јане Сандански“ – Струмица, следејќи ги потребите на општеството и на пазарот на трудот, уште во 1955 година отвора и економски паралелки. И денес нашето училиште нуди можност на учениците за запишување во паралелки од економско-правната и трговска струка, во кои наставата се реализира согласно плановите и програмите на четиригодишното средно стручно образование. Во нашето училиште се застапени следниве два образовни профили при оваа струка: економски техничар и техничар за е-трговија и дигитален маркетинг. При запишување, ученикот избира образовен профил согласно сопствените интереси. Во дел од економските паралелки образованието се реализира во соработка со компании, со што учениците имаат можност да учат преку работа кај работодавач, применувајќи ги теоретските знаења во пракса.
На крајот од четиригодишното средно стручно образование учениците може да изберат да полагаат Државна стручна матура или Училишна стручна матура, а постои можност да полагаат и Државна матура, како гимназијалците. Со положена Државна стручна матура, ученикот може да продолжи со високо образование на студиска програма соодветна на неговото средно стручно образование (ова го одредува високообразовната институција [прочитајте повеќе]), додека со Училишната стручна матура ученикот со стекнатата диплома и ниво на компетенции може веднаш да се вклучи на пазарот на трудот, но без можност да продолжи на факултет. Доколку има намера да продолжи на факултет кој не е опфатен од неговата струка, ученикот има можност да полага Државна матура, доколку смета дека е подготвен самостојно да ги совлада испитните програми за Државна матура, кои се засноваат на гимназиското образование.
За да се запознаете со наставните предмети и нивната застапеност по години, прочитајте ги наставните планови по образовните профили при економско-правната и трговска струка, достапни на веб-страницата на Центарот за стручно образование и обука:
