Хемичарите и биолозите подготвени за „Ноември – месец на науката“

Секоја година тимови од наши ученици учествуваат на манифестацијата „Ноември – месец на науката“ во областите физика, хемија, биологија. Така, утре хемичарите и биолозите заминуваат за Скопје каде на Природно-математичкиот факултет ќе ги демонстрираат своите експерименти и проекти.

Годинава хемичарите ќе учествуваат со 6 тимови од по двајца ученици, под менторство на професорката Снежана Илиевска-Поповска. Дел од експериментите со кои ќе се претстават се „Бура“, „Purple Haze“, „Блесок“, „Вештачка свила“, „Електролиза со ќерфиите на тато“ и „ДНК од јагоди“.

Дел од експериментите со кои годинава ќе се претстават нашите тимови од хемичари.
Дел од експериментите со кои годинава ќе се претстават нашите тимови од хемичари.

Физичарите веќе учествуваа на манифестацијата, во рамките на 42. Школа на млади физичари. Тие се претставија со неколку експерименти меѓу кои „Параболично огледало“ со кој ученичките Билјана Витанова и Симона Златанова го освоија првото место во категоријата на ученици од II година.

Инаку „Ноември – месец на науката“ е настан со научни предавања на интересни теми од природни науки и математика, пополнет со демонстрации, работилници и презентации на наставници, со цел да се разменат искуства и идеи за успешна настава.  Се организира од Природно-математичкиот факултет и Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија во соработка со повеќе здруженија.