Амбасадорката на Велика Британија во посета на училиштето, присуствуваше на НАТО Караванот за средношколците

Амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј денеска оствари посета на нашето училиште во рамки на нејзината предкарневалска агенда во Струмица и присуствуваше на НАТО Караванот кој во училиштето го организираше Инфо центарот за евроатлантски интеграции.

Амбасадорката Галовеј заедно со членови на амбасадата и организаторите на НАТО Караванот попладнево ја започна својата посета на нашето училиште со средба со директорката Невенка Стојанова. На кратката средба се разговараше за нашето училиште, за условите во кои работи и неговите успеси, а беа разменети и мислења на одредени теми од областа на образованието.

По состанокот со директорката, амбасадорката Галовеј се упати кон салата за состаноци каде се сретна со нашите ученици и присуствуваше на презентацијата на Инфо центарот за Алијансата.

На презентацијата за средношколците насловена „Учиме за НАТО“ беа претставени добивките од членувањето во Алијансата, процесот на нашата земја за влезот во НАТО и одредени информации за сојузот кои се корисни за младите. Присутните ученици, од кои повеќето беа матуранти, по презентацијата имаа простор да постават прашања и да дискутираат со амбасадорката.

ФОТОГАЛЕРИЈА