Учениците од хорот, оркестарот и ритмичката секција на СОУ „Јане Сандански“ на 4 јануари по осми пат ќе одржат хуманитарен божиќен концерт. Настанот кој прерасна во една од најпознатите традиции на оваа деценија ќе носи наслов „Божиќна Евровизија“.
„Годинава публиката ќе може да ужива во најголемите евровизиски хитови кои оставиле специфичен белег на светската музичка сцена. Над 80 ученици, разиграни и распеани, по осми пат ќе се обидат да ја разбудат хуманоста кај целата струмичка јавност и да бидат позитивен пример меѓу своите врсници“, вели професор Анита Станковска.
Според организаторите на концертот, Младински совет и СОУ „Јане Сандански“ секоја година расте желбата да се посети настанот кој чини симболични 100 денари. На влезот во НУЦК „Антон Панов“ и годинава ќе биде поставена кутија за дополнителни донации. Средствата ќе бидат наменети за финансиска помош при лекување на наши сограѓани.
Досега овие концерти биле посетени од приближно 5.000 посетители, а во хуманитарни цели се донирани 400.000 денари.