Во големата сала на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица вчера свечено беа доделени дипломите на матурантите од генерацијата 2014-2018. Церемонијата започна со музички изведби на овогодинашните матуранти, дел од училишниот хор, додека пак заврши со традиционалното фрлање на капи. Годинава дипломираа околу 300 матуранти.
Настанот беше отворен од овогодинашни матуранти – членови на училишниот музички хор кои настапија со четири дуо-изведби на познати песни од македонски музички автори. По нив на сцената се обрати директорката Невенка Стојанова која се заблагодари на сите наши ученици од оваа генерација кои со својот талент и знаење го прикажуваа нашето училиште во вистинско светло.
„Достигнете го врвот на својот интелектуален капацитет и како што рекол големиот Махатма Ганди, „бидете промената која сакате да ја видете во светот“. Не се сомневам дека ќе продолжете да нè радувате со вашите успешни приказни и дека по некоја година за многумина од вас со гордост ќе речеме „Да, тој беше наш ученик“ – беа дел од зборовите со кои директорката Стојанова се обрати кон матурантите.
На свеченоста беа прогласени и учениците на генерацијата – Сара Карачанакова од гимназиско образование и Сара Василева од економско-правната и трговска струка. По доделувањето на дипломите, сите присутни излегоа пред Центарот за култура, а учениците традиционално ги фрлија своите капи. На свеченоста присуствуваа и градоначалникот Коста Јаневски и други претставници од општината.