Нашето училиште е дел од проектот Пробот којшто е во рамките на програмата на Европската Унија Еразмус Плус и Клучна акција 2 во кој учествуваат училишта и од Полска, Грција, Литванија, Словенија и Италија. Околу 25 ученици со помош на шест професори преку овој проект ќе учат да програмираат со помош на роботот Лего Мајндсторм ЕВ 3.
„Во рамките на проектот учениците изведуваат експерименти и го програмираат роботот, а професорите треба да изработуваат лекции кои понатаму ќе се користат во отворена платформа која ќе можат сите наставници да ја користат. Практично, шестте училишта ќе имаат веб-страница и сите тие ресурси ќе можат да се користат од професорите и учениците“ – изјави координаторот на проектот за Македонија, Софија Тошева.
Во проектот се вклучени повеќе предмети од природните науки меѓу кои Математика, Информатика и Физика, а со помош на програмирањето на роботот, учениците ќе можат да се надоврзуваат и да го користат своето искуство и во експерименти и задачи од спомнатите предмети.
„Учениците работат во програмскиот јазик Пајтон кој тие не го изучуваат во средното образование, туку со наша помош и се разбира со нивните огромни предзнаења успеваат да ги решат проблемите кои им се зададени и доста добро се справуваат со досегашната работа“ – рече професорот по Информатика, Бобан Цветковиќ.
Самиот проект започна во месец ноември минатата година а треба да трае 3 години. Носител на проектот е Полска, каде веќе се одржа еден од шестте работни состаноци помеѓу координаторите и професорите од училиштата вклучени во проектот. Истиот чини околу 250,000 евра, а за своите потреби СОУ „Јане Сандански“ ќе добие 24,000 евра.
„Овој проект може да најде навистина огромна примена. Користиме некаде околу 12 различни видови на сензори. Во исто време учениците учат Математика, Програмирање, но и практично ја проверуваат Физиката, не применуваме само теорија туку правиме и експериментална проверка на формулите и другото теориско учење“ – вели професорот по Физика, Ванчо Белчовски.
За учениците кои учествуваат во проектот, тој е навистина корисен и преку истиот може многу повеќе да се надоградат во нивните области на интерес. Во нивните познавања сега може да се додаде и програмскиот јазик Пајтон кој не е дел од образовната програма на средните училишта во Македонија. Тие се надеваат дека во иднина со овој робот ќе може да учествуваат и на натпревари за програмирање.