Живко Барбутов и Кристијан Арапов (познат како Chaky) се ученици во ист клас од математичкото подрачје во нашето училиште, а делат и една иста љубов – музиката.
Кога ќе слушнете со каква леснотија создаваат музика користејќи ги прстите и гласот ќе помислите дека се наоѓате пред професионалци со диплома за професиите гитарист и битбоксер. Ама кога ќе го дознаете фактот дека никогаш не „стапнале“ во музичко училиште, ниту пак отишле на приватен час за да ги научат вештините кои ги поседуваат, ќе останете со подотворена уста од нивниот талент.
А ќе поверувате ли кога ќе речеме дека истите тие ученици, без ниедна научена нота, свират на жиците од гитарата како на клавијатури, како на контрабас и буквално мижејќи со гитарата на врат или пак дека создаваат музика и звуци од природата кога микрофонот е поставен на надворешниот дел од грлото и ги прима вибрациите?
Живко Барбутов е постојано со својот Фендер Стратокастер, а и цело негово маало се привикнува на звуците од неговата електрична гитара, додека дома кај Кристијан Арапов сите живеат во духот на неговите битови кои непрестано ги произведува „по навика“.
Живко е познат на јавноста по своето владеење на гитарата и носечката улога во училиштниот бенд на сите досегашни концерти. Професорите и солистите знаат дека од него може да очекуваат пополнување на секоја празнина со неговите гитарски солажи кои впрочем на секоја наредна изведба се тотално различни.
„Моето проучување на гитарата се движи по интересни етапи така што прво, околу половина година свирев нешто колку да свирам, некакви тонови и мелодии креирани во мојата фантазија. Втората фаза е периодот кога почнав да учам песни. Знаете, никој не смее во јавност да се прокламира како гитарист без да ги знае Stairway to heaven и Nothing else matters, па решив и јас да ги научам. Последната фаза, тоа што сум денес, е учење од интернет“, објаснува Барбутов за своето хоби.
За разлика од свирењето гитара, битбоксот сигурно ви звучи чудно и комплицирано, но Кристијан вели дека тоа е исто како да ја кажувате азбуката само на поуникатен начин од другите.
„Пред четири години за прв пат на Јутјуб го открив ова неспецифично музицирање. Иако на почетокот мислев дека никогаш не би можел да произведам звуци приближно исти со оние што ги прават професионалците, не отстапив од мојата желба“, објаснува Арапов за неговите почетоци со битбоксот.
Живко e љубител на блуз, фанк, рок, соул и џез музиката, а за откривање на тајните на гитарата црпи инспирација од Џими Хендрикс. Кристијан пак обожава Dubstep, Drum and Bass и Електро музика затоа што помага на соединување на мелодиите што ги прави со битбоксот, а слуша поп, фанк, блуз и рок. Reeps One е неговиот идол.
Според нив, талентот игра многу важна улога, но без работа во еден момент се стигнува до ќорсокак.
Кога ги запрашавме колку време одвојуваат за вежбање Кристијан ни одговори дека кај него е лесно бидејќи може да вежба дома, на улица, на училиште, а Живко ни ја откри тајната на неговиот успех, а тоа е дека или вежба 6 и пол минути или 2-3 часа – зависно од инспирацијата и расположението.
Како ученици од четврта година, константно земат учество во проектите на хорот и оркестарот.
Откриваме дел од нивните идни ангажмани во училиштето: Живко ќе учествува на МАССУМ натпреварот како гитарист во категоријата бенд, додека Кристијан ќе биде битбоксер во претстојниот голем проект на нашиот хор.
ЕКСКЛУЗИВНО ВИДЕО
(снимено во март 2013 година, во кабинетот по музичка уметност во нашето училиште)