Преку краток ретроспективен филм и во роденденска атмосфера, присутните во големата сала на НУЦК „Антон Панов“ имаа можност да се потсетат на активностите на невладината организација Младински совет на општина Струмица кои успешно ги реализираше во првата деценија од нејзиното постоење.
Присутните во Центарот за култура вчера на свеченото собрание одбележаа 10 години од основањето на Младински совет на општина Струмица, првата невладина организација од ваков вид во Македонија која изминатите години успешно ги исполнуваше идеите на младите во општеството и активно допринесуваше за Струмица да биде „град-пријател на младите“.
Во работата на организацијата активно учествуваат и училиштата во Струмица, не само преку членување на нивните ученици туку и преку придонес од работниот кадар, а едно од тие е и нашето училиште кое секоја година заедно со Младински совет одржува низа активности меѓу кои еден од најзначајните заднички настани е новогодишно-божиќниот хуманитарен концерт.
„Како најзначаен проект од многуте кои произлегоа од успешното партнерство гимназија-Младински совет, секако ќе го издвојам Божиќниот хуманитарен концерт кој со текот на годините се изгради како препознатлив бренд. Тој истовремено претставува пример за тимска работа, бидејќи ниту ние би можеле да го реализираме концертот без помошта на Младински совет, ниту пак тие би можеле да го сторат тоа без нас.“ – вели директорката Невенка Стојанова.
Членовите на Младински совет кои се ученици во нашето училиште денес имаат можност да работат во училишен огранок на организацијата, а за сите овие активности вчера директорката Невенка Стојанова прими благодарница за нашето училиште за особен придонес во десетгодишната работа на Младинскиот совет.
„СОУ „Јане Сандански“ отсекогаш бил активен соучесник во иницијативите на Младински совет“ – рече директорката, „Би сакала да се заблагодарам на сите мои колеги од училиштето кои во текот на изминатите десет години ја потпомогнаа соработката и придонесоа за реализација на многубројните проекти. Одиме понатаму!“ – додаде таа.