Екипата од нашето училиште веќе мошне добро знае какво е да се очекува соопштувањето на наградите кои се чуваат во тајност до крајот на годината. Годинава аплициравме само со еден тим кој собра 20 ученици од економската струка предводени од менторите Гордана Василева и Јованка Михаиловиќ. Секој со своја обврска, од дизајнот, истражувањето, маркетингот, производите, SWOT-анализата… до комплетен и професионален бизнис план кој и официјално е меѓу наградените четири.
На 25-ти април во Амфитеатарот на Машински факултет – Скопје заедно со останатите 11 избрани од 40 пријавени проекти нашите ученици го презентираа својот бизнис план.
Стручното жири, како и секоја година, на официјалната веб-страница на натпреварот истакнува листа на училишта кои не успеале да обезбедат една од главните награди. Меѓу нив не е името на нашето училиште што значи дека компанијата на економистите – Green & Gills е меѓу четирите наградени. Освен прва, втора и трета награда, еден од тимовите кои не се во списокот ќе ја добие и наградата за најдобра презентација.
Потврдено е дека нашите економисти ја имаат формулата за успех на овој натпревар затоа што последните 5 години, без исклучок, училиштето добива една од престижните награди и го задржува континуитетот и реномето. За потсетување, минатогодишната фарма на Донка беше првонаградена бизнис компанија од нашето училиште.
Терминот за објавување на победниците од овогодинешниот натпревар и доделување на наградените тимови ќе зависи од конституирањето на новата Влада на Република Македонија бидејќи наградените ќе имаат посета на Кабинетот на Премиерот на Владата на Република Македонија.