Дали знаевте дека професорката Софија Тошева е неуморен авантурист, единствен професор кој заминал на размена во Америка и ментор со најмногу награди на државни натпревари? Откријте од каде ја црпи постојаната желба за патување, креативност, новитети, што ја расположува или која е нејзината неостварена желба.
- ПРОФЕСОРКАТА ВО УЧИЛИШТЕТО
Според учениците, најважно е професорот никогаш да не ги заборава годините кога и самиот се наоѓал на ученичките клупи и треба да се потсетува на тогашниот негов пристап кон учењето. Кои спомени од тоа време ги носите со себе?
С.Т. Ако се вратиме наназад, јас бев исполнителна и примерна ученичка. Се сеќавам дека во основното најмногу се вознемирив за единствената оценка тројка во трето одделение по предметот општество. Но оттогаш, постојано одев на натпревари по математика, физика, англиски. Со такво темпо продолжив и во средно. Најсилно ми е врежан споменот за втората награда на натпревар по англиски јазик, математичките и физички летни школи на кои редовно присуствував, наградните конкурси по литература… Сè уште ја чувам гас-маската која ја добив како подарок за освоено прво место на општинско ниво по предметот ОНО. Во втора година учествував на Младинска акција во Москва заедно со уште 15 средношколци од цела Македонија. Многу незаборавни спомени кои ме прават горда на периодот поминат на ученичките клупи.
Не постојат ученици кои немаат капацитет да го совладат материјалот, но сите имаат свои омилени предмети кои секогаш ги учат со леснотија и поголема љубов. Кои науки Ве привлекуваа тогаш?
С.Т. По завршувањето на трета година се роди желбата за информатиката. Во училиштето имавме секција на која работевме на компјутерите Спектрум. Посебно ме воодушевуваше можноста на компјутерот да нацрта геометриски тела со помош на наредби. Отсекогаш ме привлекуваа природните науки, а и мајка ми им ставаше акцент бидејќи и самата беше математичар. Постоеше една мала дилема помеѓу математика и медицина, но завршив како дипломиран инженер по информатика на ПМФ.
Секој си создава свои приоритети и желби кои сака да ги исполни во текот на животот. Дел од нив продолжуваме да ги сонуваме будни, а други остануваат во нашите најслатки соништа. Која е професијата од Вашите соништа?
С.Т. Како што реков, не планирав да работам во училиште, туку се замислував во некој истражувачки центар.
Велат дека љубовта кон професијата ја олеснува тежината на сечија работа. Колку Ве исполнува работата професор?
С.Т. Не очекував дека ќе работам во училиште, но брзо по дипломирањето започнав во гимназијата. По одредено работно искуство, започнав и овде да наоѓам креативни моменти. Оваа наука е во брз подем, па креативните идеи на учениците не изостануваат. Многу ученици сакат да се надоградуваат, а нашата улога е да бидеме нивни водичи, да им помогнеме да ги насочат своите знаења во областа во која би биле најуспешни. Тоа ме исполнува.
Денешните ученици интензивно користат компјутер и Интернет, но колку им служи за подготовка на час? Уште поважно е прашањето дали правилно го користат?
С.Т. Интересно е кога родителите ќе дојдат и очекуваат дека ученикот мора да има висока оценка по предметот информатика од едноставна причина што постојано седи на компјутер. Малкумина сфаќаат дека на час се учат сосема поинакви содржини. Не учиме како да го трошиме времето на социјални мрежи! Времето поминато на компјутер воопшто не се користи правилно, за жал. Денешните ученици треба да бидат среќни. Сегашните можности што ги дава Интернетот се еднакви на бесконечност, па оние што сакаат да научат воопшто немат потреба од книга. Ех, кога и ние би имале толкав избор на најразлична литература. Како генерација имавме ограничени материјали па моравме да препишуваме од предавања и да бараме скрипти. Како дел од мојот магистерски труд (за адаптирано е-учење), правев истражувања за тоа дали учениците учат подобро кога материјалите им се прилагодени на знаењата и достапни на Интернет. Моите истражувања се покажаа позитивни и беа објавени на конгрес во Белград и во онлајн списанието IJet.
Кои услови придонесуваат за добра атмосфера на часовите?
С.Т. На врвот ја ставам дисциплината. Плус тоа, секој ученик треба да добие можност да размисли бидејќи секое решение може да е креативно. Апстрактните науки бараат логичко-последично поврзување на работите. За жал, учениците покажуваат многу мала иницијатива и повеќе учат по шема отколку со разбирање.
Каков модел на професор сакате да видат учениците во Вас?
С.Т. Професор со кого може многу да соработуваат, отворено да ги посочат нејаснотиите од материјалот и слободно да побарат објаснување, иако тоа ретко се случува… Сакам да им помогнам да го засакат предметот програмирање кој реално е поапстрактен, а сепак да се чувствуваат релаксирано. Мојот час го подарувам на нивната креативност, без дополнителни притисоци. Секако, сум професор кој од учениците бара ангажман на часовите и сакам да сфатат дека никогаш не работат или учат за професорот туку за самите себе.
Каде го лоцирате проблемот со пасивноста на учениците од поновите генерации?
С.Т. Според мене, корените на проблемот доаѓаат малку порано, од тестовите во работните листови по математика кои се учат напамет. Моето 21-годишно искуство ме научи да работам во различни услови, со различен тип ученици. Ние професорите постојано учиме. Така и учениците кога доаѓаат овде имаат шанса да научат, а јас сакам да им помогнам во техниката на учење, но наидувам на отпор бидејќи воопшто не сакат да примат нешто ново. Изместени се критериумите и денес одличен ученик не е гаранција дека ќе биде успешен во животот. Нашите ученици се пасивни во работата, а тоа се должи на нивниот интерес само за оценката. Всушност, до пред некоја година оценката делуваше мотивирачки, но во последно време и тоа се губи. Освен тоа, се чувствуваат и големиот број права што си ги барат учениците, а ги забораваат своите обврски. Сепак, сметам дека во нашето училиште има голем број на исполнителни и амбициозни ученици кои сакаат да вложат во себе.
Вие сте доказ дека професорите не ја ограничуваат својата работа единствено за време на часовите. Со Вашата универзална професија успеавте да допрете и до прекуокеанскиот систем на образование. Кои импресии и искуства ги носите од таму?
С.Т. Краен дел од проектот со траење од три години беше размена на двајца професори во Америка. Аплицираа повеќе професори од Македонија. Бевме тестирани за познавање англиски јазик и јас имав среќа да добијам тринеделен престој во средно католичко училиште близу Вашингтон. Беше јануари 2005 година. Секојдневната моја задача беа презентации за историјата и културата на мојата земја. На крај, учениците беа тестирани колку научиле за Македонија. Тогаш сфатив дека американскиот образовен систем е ограничен на нивната историја и култура и учениците немаат претстава што се случува надвор од Америка. Посебен впечаток ми остави големата сцена на која училишниот хор одржува концерти. Ми беше чудно колкаво реноме имат учениците кои се дел од кошаркарскиот тим. Не можам да го изоставам акцентот кој го даваaт на хуманитарните акции и натпреварувањето меѓу класовите со цел да донираат повеќе средства. Интересно е што тие во третата година од средното образование веќе се насочени и голем дел од нив се веќе примени на факултет. Во училиштето се работи на идното насочување на младите, а кариерниот центар им служи за информирање. Тоа недостига кај нас!
Само минатата учебна година зад Вашето име имавте 9/23 награди. Која е тајната на Вашиот успех?
С.Т. Воопшто не се штедам кога работам со ученици кои имаат желба за успех. Минатата година беше исклучително плодна. Јас сум постојано достапна (онлајн) за сите кои изразуваат желба за учество на натпревари. Креативните идеи сакам да ги насочам кон успехот, а потоа тие сами си го учат материјалот. Успехот е видлив.
Креативните луѓе имаат немирна природа и постојано истражуваат нешто ново. Авантуристичкиот и неуморен дух кој го поседувате се гледа преку Вашите постојаните патувања и искуства со научни проекти во Рим, Церн… Како успевате да допрете до такви проекти?
С.Т. Постојано аплицирам, без страв. Познавањето на англискиот јазик ми е од голема помош. Долго време ги следам сите огласи на страната на информатичари. Имам среќа што моите апликации често поминуваат добро. Церн е незаборавно искуство со колегите физичари.
- ПРОФЕСОРКАТА НАДВОР ОД УЧИЛИШТЕТО
1. Не можам да одолеам на… торти, колачи, чоколада, овошје, а зависник сум од нес-кафе.
2. Им се восхитувам на… упорни личности со визија за успех и кои ќе направат сè за да го остварат својот план. На личности кои се спремни да преземат ризик и не чекаат друг да се активира за нив. Моите родители отсекогаш биле најдобар пример за мене.
3. Домашна или брза храна? Речиси никогаш не консумирам брза храна, секако, домашното е најдобро!
4. Ме расположува… патувања, кога треба да се осмисли нешто креативно и кога имам поставено предизвици пред мене (без разлика дали на професионален или приватен план)
5. Мразам кога… луѓето губат време на озборување, се обидуваат да ми наметнат мислење, кога имаат стереотипи и кога се негативни. Ги избегнувам негативците бидејќи непотребно ми ја црпат енергијата.
6. Во слободно време… сакам да спијам, да пијам кафе сама или со моите најблиски… а не сакам однапред испланирано време, по агенда. Секако, дел од времето поминувам пред компјутер.
7. Никогаш не… гледам филмови со синхронизиран превод.
8. Како мала… бев тивка, мирна и никогаш не сакав да навлегувам во конфликти и да заземам страна. Не можев да поднесам некој да ми се лути и имав огромна почит кон возрасните.
9. Не можам без… мојата фамилија – трите деца кои се мој мотив, а верувам и на сите родители.
10. Мото кое ме води: Секој ден е предизвик. Искористи го!
11. Неостварена желба ми е… да ги посетам егзотичните земји Индија, Кина, Африка…
12. Препорачувам книга… љубител сум на книгите на Ден Браун, па топло ги препорачувам.