На разговор со Жаклина Џорлева

Откријте преку кои проекти професорката Жаклина Џорлева се труди да си ги заштитиме сопствените културни вредности и наследството, кои професии ви ги предлага таа или пак зошто учениците сè помалку се интересираат да учат за сопствената земја.

  • ПРОФЕСОРКАТА ВО УЧИЛИШТЕТО

Дали некоја од професиите коишто биле застапени во игрите од Вашето детство има поврзаност со денешната работа како професор во нашето училиште?
Ж.Џ. Без да пресметувам во проценти која професија беше најзастапенa ќе речам дека како дете најмногу си играв на учителка. Најсреќна бев кога се собираа сите мои маалски другарчиња, а јас бев нивната учителка. Во средно ме привлекуваше географијата, ама и економскиот факултет. Отсекогаш сум се интересирала за државите, градовите и нивните карактеристики, а згора на тоа, сакав да работам и со деца, па собирокот е еднаков на професор по географија во средно училиште. Моите желби и игри од детството денес се реалност.

Секое време носи свој белег, секоја генерација носи свој темперамент, а во сечие сеќавање постои некоја наjспецифична случка од школските денови. Која е Вашата?
Ж.Џ. Како денес се сеќавам на денот кога цел клас отидовме на кино. Тогаш се погоди да имаме само четири часа и го искористивме слободното време за заедничко гледање филм. Тогаш беа актуелни мјузиклите, па највпечатливо беше што сите заедно игравме по ритамот на музиката од тие филмови. За разлика од денешната генерација којашто си има домашна кинотека, ние секоја среда уживавме во чувството да се биде на кино.

Образовниот процес, особено средното образование, е период кога учениците „лутаат“ низ бројните професии, најдевајќи се дека ќе ја пронајдат најсоодветната. Што Вие би им предложиле на учениците?
Ж.Џ. Во денешно време најисплатлива професија имаат правниците кои станале судии. Од друга страна, за оние кои имаат трпение да работат со деца, ја предлагам професијата учител во градинка со мали деца. Сметам дека тоа е мошне интересна работа, но сепак недоволно платена.

Вашиот предмет бара учење на многу информации, но според Вас кои се најнеопходните податоци кои учениците треба да ги научат за секоја земја?
Ж.Џ. За една земја најпрво треба да се знае на кој континент се наоѓа, учениците да ја препознаваат на картата, па кои се нејзините соседните држави, главниот град, што најмногу се произведува во неа, по што е карактеристична (храна, музика, наука или сл.), да се знае по некоја знаменитост за главниот град, најпознатите индустриски центри и туристички места, кои националности и религии се застапени во државата. Веќе мошне важно е да се знае дали земјата е членка на ЕУ.

Колку е видлива употребата на интернетот за сè поголема информираност на учениците и дали интерактивно се вклучуваат во наставата?
Ж.Џ. Учениците покажуваат најголем интерес кон државите, а и факт е дека за нив веќе знаат сè повеќе и повеќе. Јас им давам за задача да си изберат по една држава како туристичка дестинација и тие истражуваат за неа, за нејзините познати туристички места. На тој начин покажуваат поголема заинтересираност затоа што истражуваат за она што сакаат да го посетат. Има и друг начин, на пример кога истражуваат на интернет кои држави имаат најразвиена автомобилска индустрија. Само најтрагичното е што во нивните очи почесто туѓото вреди повеќе од домашното…

Каде го гледате проблемот на младите што многу потешко и помалку учат за нашата Македонија отколку за светските земји?
Ж.Џ. Учениците сметаат дека си ја знаат државата доволно. Главен проблем е што не е развиено националното чувство кај нас Македонците. Секогаш мислиме дека другите држави се подобри од нас, а ние сме тие кои треба да си ја направиме државата да биде подобра со самото тоа што ќе истражуваме за нејзините убавини. Не смее да се случи ученик да не знае по една специфичност за секој македонски град. Треба да го сакаме секој дел од својата држава и да се гордееме со него.

Вие ја имате професионалната деформација, ако може да се рече, да ја знаете картата на светот напамет. Какво е тоа чувство?
Ж.Џ. Едноставно кога ќе ги затворам очите околу мене се наоѓаат цели континенти. Тоа е многу убаво чувство и искрено е моја предност во многу секојдневни ситуации.

А кога станува збор за учениците, дали тие учат полесно со карта или теоретски?
Ж.Џ. Па најлогично е да им биде полесно на карта, иако има ученици кои не меморираат визуелно, а картата е слика. Морам да истакнам дека се соочуваме со проблем од снаоѓање на карта бидејќи учениците кај нас доаѓаат сосема изгубени. На почетокот, во прва година секогаш учиме континенти, држави, соседни земји, гранични премини, градови… Тоа е неопходно со оглед на малите предзнаења од основното.

Минатата година, во јуни беше завршната фаза од проектот на УНЕСКО за заштита на културните наследства, а тимот од нашето училиште одбра да работи за село Банско. Објаснете ни малку повеќе за проектот и колку беше корисен за учениците кои учествуваа во него.
Ж.Џ. Преку флаери, плакати и штанд во Скопје беше презентирано нашето истражување за село Банско. Во овој проект учествуваа и претставници од Радовиш, Штип, Куманово, Струга, Скопје, Драчево… Нашите истражувања беа насочени кон старата турска бања (амамот) и римската терма. Спроведовме еколошка акција на тој терен, направивме патокази изработени од дрво кои ќе стојат пред Банско.
Целта на тој проект беше постигната. Кај децата се вроди љубов кон сопствените културни наследства, научија да ги одржуваат чисти, секогаш да спроведуваат еколошки акции и најмногу од сè научија дека треба да ги ценат од причина што тие се нашиот идентитет и слика за нашето потекло.
Македонија има најнезаштитено културно наследство. Многу предмети се запленети од дивите копачи и се продаваат на интернет низ Европа по високи цени. Со тоа ние си го губиме идентитетот.

Минатата недела бевте дел од екипата која престојуваше во Измир, Турција, на гости кај пријателите од училиштето Јилдис Тинас Измироглу. Кои се Вашите впечатоци од овој интересен проект?
Ж.Џ. Преку нивното гостување и нашата возвратна посета потврдивме дека сме два блиски народи, што дури при втората средба почувствувавме огромна близина како отсекогаш да сме биле со нив. Преку проектот видовме дека имаме исти обичаи, исти зборови кои моментално ги користиме во двете држави. Секако, направивме и споредба на начинот на живот, културата и културните вредности.

  • ПРОФЕСОРКАТА НАДВОР ОД УЧИЛИШТЕТО

1. Личност на која се восхитувате? Тоше Проески – затоа што беше многу млад, а премногу знаеше да почитува. Поминал и сиромашен и богат период без да се промени – голема реткост.
2. Неостварена желба ми е… да го посетам Рим.
3. Никогаш не… можам да седам ладнокрвно кога ученикот има проблем и не сакам пцовки!
4. Чај или кафе? Би избрала кафе и тоа две дневно, но ако сама си ги приготвам.
5. Ме расположува… добро друштво, успешно завршена работа.
6. Мразам кога… некој не ме почитува, на пример, ако ученик ме сретне на улица и не ме поздравува.
7. Шопинг или кино? Повеќе сакам шопинг, иако не мора секогаш да се враќам дома со ќеси. Но нема да одбијам ни кино, бидејќи како што спомнав и порано, за време на студиите постојано гледавме филмови.
8. Храна на која не може да одолеете? Сладолед и чоколадо.
9. Земја која не би ја посетиле? Онаму каде што би морала да отпатувам со авион затоа што имам страв од летање. Исто така никогаш не би отишла во афричките земји бидејќи е ризично од болести.
10. Не можам без… семејството. Не би издржала без нив повеќе од седум дена.