Nexus: Сакаме да стигнеме до поголеми фестивали!

Аларм, Dismissed, Wipe out, Royal flush, VFM… се имиња на дел од струмичките бендови кои ги формираа средношколци меѓу кои и многу наши ученици. Вечерва позборувавме со вториот исклучиво машки бенд составен од наши музичари и солисти кои се надоградуваа и ја „убиваа“ трема преку концертите на училишниот хор и оркестар.  nexusИдејата за формирање на овој средношколски петчлен бенд дошла за време на еден доручек помеѓу гитаристот Димитар и тапанарот Трајче во време кога средношколскиот маскенбал беше најактуелен. Од Трајче Крстев дознаваме дека момците биле навистина амбициозни во своите планови уште на самиот почеток, но и исполнителни.

„Секоја година средните училишта организираат средношколски маскенбал на кој има диџеј. Си рековме: Зошто ние да не направиме свој бенд? Таквите забави со ДиЏеј се добри но, ако има некој бенд кој ќе настапува атмосферата ќе биде далеку подобра“, искрено споделува тапанарот за првичните разговори при формирањето на бендот.

Од нивната дружба со Христијан Мучев и Васко Дедејски набрзо произлезе бенд кој уште истиот викенд започнал напорно да работи за остварување на посакуваниот настап на маскенбалот во клуб Платинум. За четворката да стане петка кон екипата се приклучува и Никола кој учи во средното музичко училиште. За бендот да звучи беспрекорно потребни се долги проби, а првата проба на бендот Nexus траела дури 7 часа.

Димитар Мицев раскажува за поделбата на обврските во бендот кој функционира три месеци:
„Бендот не го сочинуваат еден или двајца члена, туку сите заедно, како една институција составена од повеќе лица која не би функционирала без добра организација и поделба на работата. Освен за својот инструмент секој има и дополнителни функции. Еден е задолжен околу составувањето на репертоарот, друг околу аранжманите, трет за промоцијата, „пазарење“ свирки, но секогаш сите придонесуваме со идеи“.

Учениците ги знаеме како членови на бендот кои ги придружуваат солистите и ученици во трета година, но Димитар се обиде да ни ги долови момците од една друга страна, секој со своите специфични карактеристики:
„Мислам дека особината највесел и најоптимист дефинитивно му припаѓа на Трајче. Тој обично ја носи енергијата во бендот. Иако сите се придржуваат до своите обврски и принципите на бендот, како најпринципиелен би го издвоил Никола. Слободно можам да кажам дека јас сум перфекционистот, бидејќи настојувам животот да ми биде како калкулатор, без грешки. На Христијан би му ја дал особината реалист бидејќи понекогаш кога „полетуваме“ тој секогаш ја гледа реалноста и не враќа на земја , а додека особината „часовник“ му ја давам на нашиот вокал – Васко“.

Освен талентот кој сите несомнено го поседуваат, истата идеологија кон музиката и меѓусебното почитување потребно е бендот да има обединувачки фактор кој ќе им обезбеди долготрајност и убави заеднички моменти.

„Како група нè обединува тоа што сите имаме некое искуство и не сме почетници, се разбираме, исти сме генерациски и се дружиме секаде, а не само на пробите. Во иднина се надеваме дека ќе останеме во континуитет и ќе се надоградуваме до степен на настапи на големи фестивали. Сакаме да бидеме дел од Струмица ОПЕН фестивал!“, истакнува Христијан Мучев.

Струмичките локали секогаш нуделе богата музичка програма, но периодот е значително „тивок“. Публиката во нашиот град добро знае што сака, во која пригода и на каква локација. Членовите на бендот Nexus ја разработуваат таа филозофија при формирање на својот репертоар.

„Секој дава свое мислење за репертоарот и секогаш настојуваме песните да бидат забавни и со брз, диско ритам. Немаме посебна група ставено на „нишан“, но на нашите свирки може да се слушнат претежно песни од поранешните ју-простори што лично сметам дека е многу добар избор за правење добри забави“, вели Васко Дедејски – главниот вокал во бендот.

Никола Михов доаѓа од средното музичко училиште во Штип и е единствен „надворешен“ член на бендот од гимназијалците. Тој открива дека на средношколскиот маскенбал се чувствувал како еден од нив! Го сподели и своето мислење за досегашните концерти на нашето училиште во кои учествуваа и неговите сегашни музички колеги.
„Со Васко, Димитар, Трајче и Христијан се дружам долго време. Концертите на кои учествуваат моите колеги ги гледам со гордост. Најмногу од сите би го издвоил мјузиклот за Тоше кој навистина многу ми се допадна. Верувам во нив и знам дека сè што ќе сработат на идните концерти на гимназијата ќе биде успешно“, споделува Никола кој во бендот свири на клавијатури.

Како мала провокација ги запрашавме зошто ги игнорираат девојките во својот бенд, а храбриот Трајче се огласи:
„Во бендот нема девојка бидејќи мислиме дека немаме потреба од тоа. Васко е главен вокал, јас и Никола сме придружни вокали и лесно се снаоѓаме за песните од женските изведувачи“, снаодливо одговори тапанарот на бендот, ученик од трета година.

Викендов момците ја имаа и својата прва самостојна свирка и од неа имаат убави впечатоци. Ние ќе им посакаме долг век и остварување на нивните амбиции кои несомнено ги имаат.

За крај, слушнете една нивна изведба, а за да слушнете повеќе следете ги на нивната фан страница: https://www.facebook.com/NexusBandMkd