Низа медали врачени на ученици од нашето училиште

Околу четириесетина медали вкупно беа врачени на ученици на СОУ „Јане Сандански“ – Струмица од страна на директорката, Невенка Стојанова, сите од нив стекнати на меѓународни натпревари. Дополнително, беа доделени и 17 сертификати за успешно учество.

Вчера, во просториите на СОУ „Јане Сандански“ – Струмица, официјално беа врачени вкупно 4 златни медали на учеснички од Струмичката гимназија на Светскиот ученички куп во Њу Јорк, САД, и вкупно 20 медали како и 17 сертификати на ученици кои учествуваа на натпревар по математика, „Математика без граници“ организиран од Министерството за образование на Република Бугарија.

Ученичките Тијана Иванова, Магдалена Стојанова и Ивана Цветанова, под менторство на професорките Верица Јанкова и Натка Јанкова, изминатава година ја поминаа низ светот, но не во една туристичка авантура, а во преелиминарен и полуфинален натпревар во Дубаи и Атина, каде што освоија вкупно 14 златни медали и три сребрени, како и на финалниот натпревар по англиски јазик во Њу Јорк, САД, каде што како тим освоија три златни медали, а дополнително Магдалена освои злато и во поединечна конкуренција.

На почетокот луѓето беа скептични и мислеа дека тоа ќе биде една наша туристичка авантура, меѓутоа ние покажавме дека во ова училиште има ученици кои можат да се справат со своите врсници било каде во светот“ – истакна професорката Верица Јанкова, ментор на трите ученички.

11 златни, 6 сребрени и 3 бронзени медали, како и 17 сертификати за успешно учество освоија и ученици кои учествуваа на „есенска рунда“ во интернационалниот онлајн натпревар по математика „Математика без граници“ кој го организира Министерството за образование на Република Бугарија. Финалето на натпреварот ќе се одржи во Несебар, Бугарија. На овој онлјан натпревар учествуваа над 16,000 ученици од вкупно 21 земја.

ФОТОГАЛЕРИЈА