Ако за нашето училиште сите слушнале дека години наназад е своевиден магнет за награди, тогаш би требало да знаете и дека на учениците од ова училиште никогаш не им недостасувале нови иновативни идеи за збогатување на средношколскиот живот како и за одбележување на важни датуми.Не веруваме дека е заборавен божиќниот концерт во чест и спомен на нашиот музички великан, Тоше Проески, хуманитарните концерти за Божиќ и Велигден, театарските претстави, свечените академии за патрониот празник и многу други случувања за паметење.
31 –ви Мај , патрониот празник на нашето училиште, секогаш бил подготвуван со многу љубов и секогаш различен во однос на претходната година. Полагањето државна матура токму на овој ден не нè обескуражи туку напротив ни даде една нова идеја, како на еден нов и несекојдневен начин да го одбележиме раѓањето на Јане Сандански.
Паралелата која ја правиме со животот на младите од Европа, па и ширум светот, не е случајна, од проста причина што сметаме дека младите имаат исти желби и исто секојдневие кога станува збор за живот во демократски општества. Светот и животот на младите луѓе, средношколци во Струмица беше нашиот предизвик за изработка на еден краток документарен филм кој го промовираме токму на патрониот празник на нашето училиште.
Идејата за изработка на еден ваков филм произлезе од воспоставената соработка со средното училиште „Пјотр Скарга“ од гратчето Грујец од Полска чии гости ќе бидат тим од наши ученици и професори во периодот од 24-28 јуни 2014 год.
„Ние не ги бараме разликите, туку сличностите кои ќе нè поврзат. Затоа овој филм го доби името ОКО – збор со исто значење и на македонски и на полски јазик“, вели професорката и координатор на проектот Љупка Галазка-Василев.
Промоцијата и поставувањето на документарецот за еден ден од животот на нашиот средношколец на медиумите, социјалните мрежи и веб-порталите е наш отворен повик за соработка на многу полиња во кои преку филмот младите ширум Европа , па и Светот ќе се препознаат и ќе посакаат заедно да ги изградиме новите мостови на соработка.
„Спортот е секојдневие на секој млад човек. Јас не сум исклучок. Сакам да спортувам и токму затоа моите спортски активности ги покажувам во филмот“, вели Јулија Станковска.
СОУ „Јане Сандански“ – Струмица, е училиште кое навистина може да се пофали со воспоставена соработка со многу училишта не само во Македонија, ами и надвор од неа какви што се соработката со средното училиште од градот Измир во Турција, Хрватска, Словенија, Италија и Полска.