Различните ангажмани на нашите ученици за Први мај

Нашите ученици и наставниот кадар ќе го поминат државниот празник Први мај – Ден на трудот со повеќе различни ангажмани и на неколку различни локации.


Најупорните и најпосветени ученици одлучија да го „жртвуваат“ годинешното празнување и да бидат дел од Образовното рандеву – МАССУМ 2014. Промените на датумот предизвикаа промени и во учесниците, а оние кои останаа да ги бранат боите на нашето училиште в петок и сабота ќе престојуваат во Крушево. Со нив ќе отпатуваат некои од менторите.

Втората поголема група ја сочинуваат учениците од трета година кои токму вечерва тргнуваат на својата очекувана обиколка околу поранешните југословенски држави. Тие со своите класни раководители ќе го имаат можеби најнезаборавното прославување на Денот на трудот во центрите на соседна Србија и Хрватска. За нив нема сомнение дека Белград и Загреб ќе овозможат продолжување на викендот без грижа дали ќе имаат изостаноци.

Останатите ќе ги одмораат своите мисли од напорното учење на повеќе локации околу Струмица. Секоја година, на овој датум, Дојран е магнет за нашите ученици кои буквално го „окупираат“ градот. Во случај ако дел од наставниот кадар одлучи да прошета поблизу до јужната граница, тогаш без проблем може да се одржи и некој час „под јаворот“ како алтернатива за критичниот петок меѓу празникот и викендот. Во секој случај, петок останува работен ден!

Едни работно, други авантуристички, а трети опуштено – вака нашето училиште ќе го помине Денот на трудот.