III-7: Сакавме и покажавме дека сме вредни!

Секоја паралелка е комплексна група која функционира на различен начин, засебен и поинаков од која било друга во училиштето. Несомнено, учениците од III-7 се целосна приказна за себе, доволно интересна за да ја споделиме со Вас!10Во прва и втора година распрчкани на сите страни, а годинава собрани под закрила на професорот Павле Стојанов во славната бројка „седмица“. Оваа паралелка, како и секоја година, собира многу таленти кои се желни за докажување, од музичари до јазичари и уметници.

Иако „седмиците“ се општо познати по своите изостаноци, палавоста и нередовното учење, откривме дека кај нив постои желба да ги негуваат своите таленти и времето на училиште да го поминуваат на поспецифичен начин отколку другите соученици.

Денес преполовениот III-7 клас нè пречека во кабинетот по музика, на блок часови, но со голема мотивација да го покажат сработеното како за крај од учебната година.

„Кога дојдовме трета година си поставивме цел овој кабинет да добие нов лик кој вистински ќе потсетува на кабинет по музика. Сметам дека пред да дојдеме ова беше само уште една обична училница, но на крајот од годината, со нашиот ангажман и големата помош од професорката по музика го уредивме кабинетот и ја постигнавме нашата цел“, раскажува Миле Трендов за нивната мотивација да покажат дел од своите вештини.

Според кажувањата на професорката Анита Станковска, навистина овој клас одлично го прифатил предизвикот да го трансформира кабинетот и со нивниот весел дух успешно докажале дека можат да постигнат нешто кога имаат љубов и мотивација.

„Мојот талент го откри професорот Митко Тошев и веќе имав искуство со цртање на ѕид кога го декориравме дворот на училиштето и кабинетот по биологија. Кога професорката по музика рече дека има идеја да го разубавиме кабинетот, се знаеше дека јас можам најдобро да помогнам со ѕидни декорации“, раскажува Ангеле Миовски кој одлично се снаоѓа со четката в рака.

Едни работеа на ѕидното декорирање, други на фолклорното катче со елементи од народното творештво, трети правеа музичко-географска карта на Македонија, а четврти придонесуваа со добра музика во позадина. Сè на сè, создадената пријатна атмосфера за работа е најдобриот финален производ.
4
„Не се плашам од задачата цртање бидејќи со задоволство цртам секој ден по два-три часа и се усовршувам. Ми беше мило да го работам главниот цртеж во кабинетот кој беше заедничка идеја со професорката“, дополнува Миовски за подготовките на уметничкиот цртеж полн со инструменти кои оживуваат од неговата рака.

Клучна улога за акумулирање повеќе знаења има сликата која ќе се создаде кај учениците за предвидениот материјал од предметот на изучување. Учениците од овој клас се потрудија да истражуваат народни носии со сите нивни елементи за да помогнат на идните генерации полесно да ги учат овие народни богатства во изумирање.

„Јас донесов черги и јамболии од Куклиш кои многу ретко се наоѓаат дури и во играорните друштва. Собравме сè што има останато за да им биде на дофат на новите генерации кога ќе го учат овој материјал, иако дома постарите малку негодуваа“, раскажува Венка Хаџиска за начинот на собирање на рачните творби.

12
Од народните носии најголем проблем и недостаток им биле чорапите, појасите и опинците кои фалат за да се комплетира сликата во фолклорното катче.

„Носијата која ја донесов од Радичево ја имам од шестто одделение, но недостигаат чорапи и појас. Кога професорката ја сподели идејата за фолклорното катче веднаш ја донесов мојата носија бидејќи мене веќе ми е мала“, споделува Дејан Стаменов за својот придонес во целата приказна.

Денес момците интезивно работеа на финалните подготовки од картата на Република Македонија која е излепена со носии од различни градови.

„Значењето на картата е да покажеме какви народни носии имало во сите градови на Македонија, да ги видиме нивните карактеристики, различности и да знаеме да ги распознаваме. Интересно е што кога ја гледаaт картата учениците треба да познаат од кој дел се, а тоа вклучува и знаење од географија. Освен што треба да ја препознаат носијата, треба да го  препознаат и градот. За поефективно работење професорката ни подели задачи, така што секој ученик доби по еден град за истражување“, велат учениците кои ги собираа сликите за машки и женски носии од интернет.

„Во трета година професорката ни даде добра идеја да го украсиме кабинетот со инструменти, цртежи, народна носија, карта. Ние веднаш се договоривме да донесеме сите по нешто. Сите на свој начин се обидовме да донесеме тоа што можевме и да ги исполниме заедничките идеи“, вели Дарко Неделковиќ за неговите впечатоци.
6Некои од нив ја разубавуваа целата атмосфера со вицеви и добра музика: „Го сакам кабинетот кога е поубаво декориран, а знам дека ние придонесовме збогатувајќи ги сите ќошиња. Ретко доаѓам на часови, но кога ќе дојдам постојано сакам да најдам интересна занимација и тоа го правев овде. Мотивиран од доброто друштво и музиката, мислам дека го искористив времето покреативно“, дополнува Васко Димитковски – темпераментниот претседател на III-7 клас.

ПОВЕЌЕ ФОТОГРАФИИ

Многу професори се жалат од нив, но учениците мошне искрено велат дека тие сами одлучиле да бидат уметници и затоа другите треба да ги сфатат.

„Ние сакаме после нас да оставиме некаков впечаток и трајни вредности. По другите предмети не сме такви затоа што како јазично-уметничко Б комбинација ние сме уметници. Кога ќе дојдеме тука се чувствуваме свои и иако професорката некогаш се лути и знае да нè кара, на крај нè поддржува во нашите идеи бидејќи ние сме упорни за она што го сакаме!“, раскажуваат сложно Трајче Крстев, Лазар Гоџиров и останатата екипа момци.

Учениците се убедени дека нивната желба – кога идните генерации ќе влезат во кабинетот да им наликува на музичко катче без да им се каже, успешно ја реализираат. За догодина ветуваат дека ќе бараат чорапи и опинци, за нивната идеја да не остане „боса“ и ќе го средат кабинетот уште повеќе!