Доколку на оваа тема разговараат двајца момци тогаш со сигурност нивните ставови совршено би се совпаѓале – спортот е најзабавната работа што може да им се случи. Можеби единствен проблем би имале да одлучат кој е најдобриот тим, Челзи или Реал. Со овој машко-женски дуел ќе ги слушнеме двете страни на вежбањето и како гледа на него професор наспроти ученик од понежниот пол. Гоце Кончалиев – професор по спорт
Секој треба да си поставува прашања за неговите потреби и барања. Кој може да ја промени ситуацијата во твојот живот? Нештата кои не можеш да ги промениш прифати ги. Постојат вистини кои се добиваат само ако некој ви ги раскаже. Ама треба ли да раскажувам колку физичката активност на часовите ќе ве направи физички и психички поздрави, ќе го подобри имунолошкиот систем, работата на срцето и целиот систем за варење…? Сите ученици го знаат тоа и сè е во умот.
Смирете го саботерот во Вас и прифатете ги нештата, а со тоа дозволете си да уживате во бенефитите на вежбањето. Почнете почесто да си удоволувате наместо да се казнувате со мрсна и висококалорична храна (тостови, хот-дог, мајонези, газирани пијалоци).
Моја препорака до сите ученици е да вложуваат во себе, ама бесплатно. Само едно вежбање од 40-45 минути на часот е толку многу за вашето здравје и убавина.
Сите сакате да ги избегнете непријатните ситуации, на пример проблем да се облече новогодишниот или матурскиот фустан затоа што имате вишок килограми. Е па, од денеска завртете нов лист, верувајте во себе, бидете активни барем на часовите. Најдете ја бесплатната инвестиција. Така се фокусирате на позитивните работи во животот.
Во целата оваа ситуација најубавото е што имате ИЗБОР, а лесно е да се открие правилното. Од една страна – мрсна храна, вишок килограми, лошо расположение, а од друга страна – здрава исхрана, идеална тежина, позитивност. Која од овие две е вашата цел? РАЗМИСЛЕТЕ. И за крај запомнете: Силниот имунолошки систем може да направи да изгледате чудесно привлечни и сето тоа само со 40-45 минути вежбање и добра мисла.
Анастасија Дончева – ученик во прва година
Застанувам во одбрана на сите оние кои го делат мислењето дека часовите по спорт се време кое може да се помине многу попродуктивно. Ете, на пример, јас би го оставила тој час слободен за консултации и преповторување на материјалот за теоретските предмети. Наместо спорт со ваквиот сегашен концепт, кога би можела, на негово место би ставила предмет Модерни танци и ора. Сметам дека секој може да направи чекор-два во ритам, но секој не се чувствува убаво при вежбање гимнастика или агресивни игри со топка. Плус, танците и ората барем би ни се нашле во многу ситуации.
Едноставно, за вежбање треба да имаш мотивација, добро расположение, а тоа не се случува секогаш.
Подобро е спорт да биде ставен како последен час на распоредот, плус да имаме тушеви кои ќе ги користиме после активниот час и со тоа во пакет да имаме барем 10 минути подолг одмор. На пример, во нашиот клас сме 20 девојки кои своите опреми ги разменуваат во една просторија, а самите тоалетни води не помагаат после таков час ние да сме подобра појава за околината. Тука би ја спомнала и недоволната опременост, а недоволниот број топки води кон помали оцени бидејќи сите 30 деца кои се борат за добра оценка и сакаат да се подготват за подобри резултати не можат да го сторат тоа. Дур стигне топката до нив, едвај еднаш или два пати ќе ја пробаат вежбата и тоа предизвикува дополнителна нервоза.
Оценката не е тоа што ќе ме мотивира да ја променам мојата пасивност на часовите по спорт. Не велам дека секогаш сум неподготвена за час, но ако се базираме на мојата подготвеност, но истовремено и незаинтересираност, би била задоволна со оценка каква што заслужувам.