Ученици од повеќе народности заедно со полициски службеници денес едни од други се едуцираа за безбедното учество во сообраќајот. Тие преку поделување на едукативни флаери на случајни минувачи како и управувачи на возила апелираа да се почитуват сообраќајните знаци, правилата и прописите.
Преку оваа активност насловена „Учиме едни од други – едукација на пешаците“ која е во рамките на проектот за меѓуетничка интеграција во образованието, ученици од СОУ „Јане Сандански“ и ОУ „Маршал Тито“ заедно со полициски службеници од СВР Струмица денес излегоа на раскрсницата помеѓу улиците „Ленинова“ и „4-ти јули“.
„Учениците заедно излегоа на терен со активности како поделување на флаери на пешаците, насочувања за движењето на пешаците како учесници во сообраќајот, а со цел и заедно да соработуваат учениците и училиштата со различни етнички групи“ – изјави координаторот на проектот, Божана Лазарова.
Пешаците се најранлива категорија учесници во сообраќајот, особено во есенските и зимски месеци кога временските услови се неповолни. Преку почитување на апелот, стои во содржината на едукативните флаери, Вие се грижите за Вашата и за безбедноста на другите.
„Сакаме да укажеме на пешаците како учесници во сообраќајот на правилата и прописите при поминување на улица, обележан пешачки премин, раскрсница или пак поминување на улица надвор од пешачки премин. Сето тоа е за зголемување на безбедноста на пешаците како учесници во сообраќајот“ – рече инспекторот за превенција по сообраќај, Тони Божиков.