Домаќин на математичарите-средношколци од нашиот регион беше градот Кочани каде денес престојува нашата 38-члена екипа. Натпреварувањето започна во 10:00 часот и учениците имаа на располагање 150 минути за решавање на математички проблеми. Своите знаења ги тестираа по 7 гимназијалци од прва, трета и четврта година и 11 ученика од втора година. На натпреварот беа дадени четири задачи кои се вреднуваат со вкупно 100 бода, а се извлечени од математичкото списание Сигма и по слободен избор на комисијата.
Математичката секција почнува со работа уште со стартувањето на учебната година, но кабинетети по математика беа резервирани за интезивни подготовки цел месец пред натпреварот.
„За учество на вакви натпревари не е пресуден критериумот познат како „дарба за математика“ туку секогаш најважна е љубовта кон предметот и пред сè желбата за работа. Покрај талентот секогаш поголем процент опфаќаат трудот и упорноста“, велат од колективот по математика.
Со најмладите математичари од прва година работеа професорите Елизабета Витанова и Маријана Христова. Mентори за учениците од втора година се Божана Лазарова и Тања Танчева, за оние од трета година е Елена Лазарева, а за матурантите е Петруш Џорлев.