Викендов, додека сè уште трае првомајската празична атмосфера, во Крушево ќе се одржи Образовното Рандеву – МАССУМ 2014 година. Настапите на нашите ученици кои после претселекција обезбедија пласман за учество на натпреварот ќе се одржат утре, петок на повеќе локации во градот.
Според агендата, со почеток во 12:20 часот во СОУ „Наум Наумоски Борче“ ќе започне бранењето на маркетинг планот на ученичките Марија Николова, Благица Пеловска, Марија Галевска и Маринела Лотх под менторство на професор Стаменка Џорлева.
Во 12 часот и 40 минути Миле Здравев ќе го има своето интервју за работа на македонски јазик. Се подготвуваше со професорката Жаклина Михајлова и ќе се обиде да биде подобар од неговата конкуренција од 22 средношколци.
Во 13 часот во хотел Монтана ќе започне натпреварот за најдобар солист и бенд. Се надеваме дека редниот број 13 ќе им донесе среќа на ученичките Ана Цамбулева, Сања Лазарова и Сања Барбутова кои ќе го имаат својот солистички настап. Со нив ќе отпатува и менторот Анита Станковска како верна поддршка.
Нина Хаџи-Котарова и Никола Тошев под менторство на Софија Тошева ќе ги презентираат предностите на нашиот официјален веб-сајт кој влезе во изборот на најдобрите 10 страни на средните училишта од Македонија.
Натпревар за најдобра поетска творба ќе се одржи во Дом на култура, а во него учество ќе земе неуморната поетеса Елизабета Муканова која тргнува по својата десета официјална награда.
За во 13:30 е предвидено разгледување на штандовите, а нашите ученички Костадинка Петрова, Сања Велкова, Дивна Караѓоргева ќе го покажат својот материјал пред публиката и стручното жири. Со нив, во градскиот пазар на Крушево ќе биде и менторот Гордана Василева.
Им посакуваме многу среќа на сите учесници кои поради променетиот термин се во значително намален и изменет состав. Се надеваме дека нивната посветеност и труд нема да помине незабележан од жирито на МАССУМ организацијата.