Вања Китанова со освоено прво место на регионален и државен натпревар за пишување есеј на Француски јазик

11079841_10205302887244176_853421880_n

На регионалниот, а воедно и државен натпревар за најдобар есеј по француски јазик нашата ученичка Вања Китанова под менторство на проф. Нада Божијанова го освоија првото место. Имено Вања прво се здоби со прва награда на регионално ниво, а со тоа се пласираше на државниот натпревар со истиот есеј, каде убедливо забележа победа. Задачата беше да се напише есеј и да се употребат несекојдневни зборови.

Изјава на професорката Нада Божијанова:

Ова последно актуелно случување, само ја потврдува потребата и корисноста од изучивањето на францускиот јазик. Во нашата Струмица веќе години наназад тој е втор странски јазик и треба оваа многугодишна “традиција” да продолжи. Имајќи предвид дека токму францускиот јазик е службен јазик во многу земји во Европа, очигледна е потребата од неговото изучување не само поради можно продолжување на образованието во некоја од тие земји, туку и за постојана работа и живеење таму, како што се бројните примери со нашите иселеници во Швајцарија, една прекрасна и просперитетна земја каде познавањето на француслиот јазик е неопходно. Со учењето на јазикот учениците не се фокусирани само на разбирањето и владеењето на истиот, туку тие имаат прилика да се запознаат и со културата не само на Франција, но и на сите други земји каде јазикот се зборува. Моите ученици веќе со години се добитници на престижни државни награди со што се потврдува дека не само Струмица туку цела Македонија го поседува тој франкофонски дух во себе.

Ученичката Вања Китанова даде изјава:

На темата „Дали зборовите можат да направат да патуваме“ во склоп на конкурсот „Кажи ми десет збора“ имав задача да напишам есеј кој требаше да содржи минимум четири од десет клучни збора, нови за францускиот јазик. Успеав да им најдам семантичка примена на  сите десет дадени зборови кои имаат потекло од државите кои биле колонизирани од Франција во минатото. Целта на натпреварот беше да се афирмира францускиот јазик и да ни даде нам, на средношколците од целиот свет, шанса да го збогатиме со нови зборови.

Автор: Катерина Караманова