Се обидовме да создадеме една реална листа на нешта за кои ќе жалите ако не сте ги направиле во текот на вашиот средношколски живот. Времето не може да се стопира, а најмалку да се врати, затоа ние ве предупредуваме. Наместо подоцна да ви биде жал – направете го тоа што сè уште не сте.
1. Престанете да се грижите што зборуваат другите за вас – бидете свои во своја кожа и чувствувајте се горди поради тоа!
2. Дремнете на клупата – не сте средношколец сè додека не го „сторите“ кривичното дело: скришен полусон на неудобните дрвени клупи.
3. Уживајте на матурската вечер – не чекајте да го сфатите тоа кога ќе засвири последната песна „Растајемо се ми“, затоа што тогаш ќе биде доцна. Матурирањето не е поголем успех од дипломирањето, ама е дел од времето кое секогаш ќе го посакувате назад. Се случува само еднаш и обидете се да го споделите моментот со сите драги личности.
4. Зборувајте со тотално непознати ученици – постојано проширувајте го кругот на познанства затоа што ќе ви се најде. Лошо е ако не си ја познавате генерацијата.
5. Одете на спортски натпревари – фудбал, кошарка или нешто актуелно и врвно кое се одржува во ваша близина. Навивајте на сиот глас особено ако натпреварот е на вашите соученици против другите општински или регионални екипи.
6. Прашувајте „глупи“ прашања – иако одговорот е дека со нула не се множи, не постои глупо прашање и не срамувајте се да го искажете вашето мислење или да побарате одговор ако нешто ги мачи вашите мисли, колку и да биде чудно за другите околу вас.
7. Забавувајте се на 1-ви април – направете сценарио во кое ќе бидат вклучени сите ученици од вашата паралелка и предизвикајте насмевка кај професорите со досетливоста која долго ќе ја паметат.
8. Екскурзиите не се за пропуштање – не дозволувајте нешто да го спречи вашето патување и неколкудневно неофицијално дружење со соучениците, класниот раководител и другите професори. Спомените се тоа за што вреди да се живее, а што корист ако не ги создадеме моментите вредни за сеќавање?
9. Положете САТ или ТОЕФЛ – овие тестови ви ги отвораат вратите за студирање на некои престижни универзитети надвор од Македонија.
10. Контактирајте со професорите – тоа не се ниту полицајци, ниту ваши непријатели. Напротив, од нив може да извлечете многу знаење, искуство и совети во текот на целиот престој во училиштето. Бидете искрени и отворени со нив и изградете ја довербата. Учениците и професорите многу често ги создаваат најуспешните тимови!
11. Добијте возачка дозвола – научете и вежбајте ги вашите вештини за возење додека сте помлади и живеете во родниот град. На моменти, возачката може да ви ја донесе посакуваната слобода да заминете на пикник или викенд со другарите.
12. Научете да готвите – иако најчесто велиме дека родителите се тука за готвење, изненадете ги вашите најблиски, вашите пријатели со некој оброк подготвен специјално за нив.
13. Вклучете се во спортски клуб или организација – бидете физички активни, одржувајте ја својата линија и по можност обидете се да преземете одговорност и лидерство.
14. Волонтирајте без да барате „нешто“ – Волонтерите не добиваат плата? Бесценето е искуството, вештините, остварувањето контакти, запознавање со функционирањето на општеството, збогатувањето на CV-то и растењето како личности. Парите ќе ги потрошите во еден викенд!
15. Започнете блог – денес е лесно да создадете место за сите коментари кои ги имате за општествените појави, за актуелните случувања во државата/светот или коментари за обични секојдневни ситуации кои ги гледате околу вас.
Испразнете се и отфрлете го срамот!
16. Организирајте средба со учениците од основно – обновете ги вашите стари пријателства кои биле најискрени, потсетете се на првите симпатии и лудории со децата со кои сте почнале да ги делите клупите.
17. Учествувајте во проект или натпревар – не мора да бидете генијалец, само имајте желба и не плашете се од обидување!
18. Фотографирајте се – само така вашите сеќавања ќе останат трајни и свежи! Сликите прераскажуваат историја!
19. Работете за време на распустот – воопшто не треба да биде срамно да се искористи летото за да си заработите со сопствен труд за одмор со пријателите, концерт, облека… Ќе го збогатите вашето CV и ќе стекнете работни навики.
20. Организирајте забава – викнете ги сите кај вас дома или на одредена локација и уживајте во ритамот на добра музика, весели муабети и неоткриени пријателства.
Не го сместуваме учењето во листата затоа што знаеме дека барем тоа редовно го правите, или не?