Најдобриот начин за докажување се натпреварите, за спортување се терените, а за мотивирање е споделеното искуство. Во училиштето постојано функционираат женските и машки екипи во фудбал, кошарка, ракомет, одбојка, ориентација, а деновиве за прв пат имавме шанса да ги видиме во заедничка здружена акција. Дека сакаат да водат здрав живот – тоа знаеме. Дека сакаат да освојуваат медали – тоа гледаме. Особено интересно е што неделава откривме дека знаат да бидат добри мотиватори и промотори на спортот како бесплатен лек на телото. Уште поинтересно е што учениците не застануваат тука, туку најавуваат нов голем проект кој наскоро ќе го обелоденат.
На почетокот од неделата на официјалната фан страница на училиштето започнаа да се редат нови фотографии од нашите спортисти кои привлекоа огромно внимание. Импресивна е бројката од 48.380 посети (за период од 6 дена) на фотографиите во албумот кој може да го погледнете ОВДЕ. Секој ден беа објавувани по неколку нови фотографии од различни спортисти кои со своите различни размислувања и искуства се обидуваа да ги „заскокоткаат“ своите соученици кои се ретко физички активни.
На овој уникатен начин, по иницијатива на спортистите, беше спроведена онлајн-кампањата во која беа вклучени 30-тина ученици од 5 различни спорта кои се негуваат во нашето училиште. Нивната прва, но не последна заедничка акција завршува денес и тоа не е никаква случајност. На овој начин учениците ги одбележаа двата големи меѓународни денови – 6 април како ден на спортот и 7 април како ден на здравјето.
Браво за ентузијазмот на нашите спортисти кои освен што нè радуваат со медалите успеаја да докажат дека се грижат за своите соученици. Веруваме дека со бројката од приближно 50.000 посетители за неполна недела тие ја постигнаа својата цел и ги мотивираа средношколците и јавноста во Струмица.