Секој вторник споделуваме по еден од најдобро оценетите писмени состави на нашите ученици. Оние без мотивација, доволно е да ги анализираат и да ја откријат тајната на успешен есеј кој ќе им донесе повисока оценка на тестирањето по македонски јазик и литература на секоја писмена, а се разбира и за матура. Прочитајте што има да каже Радмила Зимбакова од IV-4 клас. Ја сакам жената со сето она што се разликува од мажот, а не со она што ја доближува или израмнува со него. Всушност ние своето потекло и својот идентитет и го должиме на жената. Таа ја носи сета одбранбена моќ што се пренесува од единката на пошироката заедница,а не само во семејството. Да се твори и пишува за жената е нешто најубаво и највозвишено, па дури и самата идеја за тоа е голема. Да се опева жената значи да се учествува и негува нејзината љубов. Таа го носи исконскиот рефлекс за одбрана на народот, расата.
Уметноста и уметникот во минатото жената ја претставувале како моќна фигура со убави облини и бујни гради, ѕвезда која не згаснува и копнеж што не се пропушта. Алхемичарот создал волшепство со кое царува во светот, но најголемо волшепство што носи живот и радости е – се разбира жената. Таа е мудрец тајни што открива и со својата сила светот го разоткрива за сè што се случува, одминува. Не постои уметник, поет во чии мисли не се нашол поимот жена. Жан Батист Молиер во едно од своите дела величејќи ја жената вели: „Жената е единственото суштество што може да плаче и да се смее за една иста работа, а честопати и во исто време“.
Всушност жената не ќе беше жена ако немаше денови на тага. Токму од овие денови произлегува фактот на силата што дури ни психологијата не може да го објасни. Добродетелка, на моменти многу емотивна но, сепак истрајна и издржлива. Тоа е жената. Напред-назад, лево-десно… Секаде жената. Жена-лекар, жена-професор, жена-политичар, грижлива домаќинка-столб во семејството и движечка сила во општеството. Секоја жена е приказна сама за себе во која оправдано секоја од нив сака да биде: искрена, јасна, трајна… Таа е триумф кој се стекнува тогаш кога и се заслужува.