Амбициите започнаа од лесната општинска конкуренција па растеа со успесите на зонското и регионалното натпреварување. Задачата на машката и женската одбојкарска екипа беше голема – да се одбранат ланските трофеи!
Со четирите победи во четирите одиграни натпревари момците предводени од професорот Гоце Кончалиев се неприкосновени шампиони во одбојка во Македонија на ниво на средните училишта.
Денес го одиграа својот финален натпревар во борбата за прво место откако претходно во четврток и петок остварија три победи.
Девојките имаа 80-процентна ефикасност со три победи на четири натпревари. Клучниот натпревар беше одигран денес бидејќи таа победа ги закити со сребрен медал! Нив во Охрид ги водеше професорот Спасе Пиличев.
Денес завршува тридневната голема спортска олимпијада наречена Гимназијада 2014. Нашите две екипи докажаа дека одбојката е една од најсилните алки во нашето училиште и воопшто во Струмица. Учениците од нашето училиште се дел од општинските екипи кои континуирано се на врвот од табелата во националната одбојкарска лига.
Големи честитки за храбрите спортисти кои се голем промотор на своето училиште!