Вкупно 45 ученици од нашето училиште под менторство на 10 професори вчера и денес зедоа учество на „Образовно рандеву – МАССУМ 2018“ каде се натпреваруваа во 13 категории од кои во 9 беа наградени. Нашите ученици ја имаа најдобрата видео реклама за што освоија златен медал.
На овогодинешното „Образовно рандеву“ во организација на МАССУМ кое се оддржа на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, нашите ученици се покажаа во повеќе категории од кои во девет успешно се пласираа меѓу најдобрите.
Во категоријата за видео реклами, учениците Ивана Тасева, Лилјана Петрова и Дејан Трендов под менторство на професорот Бобан Цветковиќ го освоија првото место со што беа наградени со златен медал. Исто така нашите ученици снимија и филм „Изгубено детство“ во режија и камера на Коки Ќосев, а под менторство на професорката Билјана Костадинова, истиот се пласираше на второ место во категоријата за најдобар филм.
Нашите ученици исто така се пласираа меѓу најдобрите и во други категории меѓу кои и за интервју, кој се одвиваше на англиски јазик а ученичката Теодора Дузлеска го освои второто место, категориите соло изведувач, каде Ангела Илиева исто така го освои второто место, категоријата за штанд, исто така и за категоријата поетска творба на Зуле Василева.
Освен тоа, нашите ученици се пласираа и во категоријата за најдобар постер каде што ученикот Мартин Спасовски под менторство на професорката Славица Милева-Ефтимова со својот рекламен постер изработен за натпреварот (клик на слика) го освои второто место во оваа категорија. Учениците исто така се натпреваруваа и за кариерно портфолио и јавно говорење каде и во двете категории се пласираа на третото место.
Инаку „Образовно рандеву“ е еден од најголемите средношколски настани во земјата, организиран од Младинската асоцијација на средните стручни училишта во Македонија, според која овој натпревар го поттикнува ентузијазмот кај учениците и наставниците за усовршување на нивните вештини и знаења поврзани со активностите во кои се натпреваруваат.