Испити на крајот од средното образование
Испитите на крајот од средното образование играат клучна улога во изборот на кандидати за места во високообразовните институции во државата, а исто така учениците обезбедуваат меѓународно признаени дипломи за продолжување на своето образование во странство.
Во септември 2025 година е донесена Нова концепција за испити на крајот од средното образование која вклучува нови елементи со цел да ги одрази и поддржи реформите во образовните политики и практики кои се регулурани со измените и дополнувањата во Законот за средно обраозвание („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 78/25 од 11 април 2025 година).
Модели на испити
Примарна цел на гимназиското образование е да ги подготви учениците за универзитетски студии. Од друга страна пак примарната цел на средното стручно образование е подготовка на учениците за вклучување на пазарот на трудот или за понатамошни стручни и академски студии.
Учениците од четиригодишното стручно образование имаат право да го продолжат своето образование и на други студиски групи, опција што традиционално многу ученици ја избираат. Со реформите во стручното образование се наметна потреба од нов вид испити на крајот од средното образование односно воведување на Државна стручна матура и Училишна стручна матура.
Учениците на крајот од средното образование, во зависност од видот на образованието, имаат можност да ги полагаат следниве испити:
- учениците од гимназиско образование полагаат Државна матура и/или Училишна гимназиска матура;
- учениците од четиригодишно стручно образование можат да изберат да полагаат Државна стручна матура и/или Државна матура и/или Училишна стручна матура
Согласно на тоа, учениците од СОУ „Јане Сандански“ – Струмица кои ќе завршат гимназиско образование (кое било подрачје) ќе полагаат Државна матура, а учениците кои ќе завршат во економско-правната и трговска струка (сите образовни профили) можаат да полагаат Државна стручна матура или Државна матура во зависност од тоа на каква студиска програма сакаат да го прододлжат своето образование.
Учениците кои не планираат да го продолжат своето образование на високообразовна институција и сакаат веднаш да се вклучат на пазарот на труд можат да полагаат Училишна гимназиска матура или Училишна стручна матура, соодветно.
Државната матура и Државната стручна матура имаат двојна функција: сертификациска и селекциска. Сертификациската функција подразбира издавање диплома (сертификат) за завршено средно образование, а селекциската значи дека резултатите од овие испити се еден од условите за селекција и рангирање на ученикот при упис на студиските програми на факултетите.
Училишната гимназиска матура и Училишната стручна матура имаат сертификациска функција. Тоа значи дека учениците добиваат диплома со која се потврдува нивото на компетенции и можат да се вклучат на пазарот на труд, но без можност да продолжат на факултет.
Учениците кои положиле Државна матура можат да го продолжат своето образование во вискокообразовна установа, на секоја студиска програма, согласно критериумите за запишување на факултетот.
Учениците кои положиле Државна стручна матура можат да го продолжат своето образование во високообразовна установа, на соодветна студиска програма. Тоа значи дека учениците од економско-правната и трговска струка кои ќе се одлучат да полагаат Државна стручна матура ќе можат да се запишат на факултети сродни на струката, согласно критериумите кои ги поставила високообразовната институција. Универзитетите во државата објавуваат соодветна листа на факултети на кои можат да се запишат ученици од економско-правна трговска струка со положена Државна стручна матура.
* За академската 2026/2027 година, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УКИМ) и Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип (УГД) објавија листи на факултети на кои ќе може да се запише ученик од економско-правна трговска струка со положена Државна стручна матура и тоа:
На УКИМ тоа се: Економски факултет; Правен факултет; Факултет за земјоделски науки и храна; Филозофски факултет и Природно-математички факултет.
На УГД тоа се: Економски факултет; Правен факултет; Факултет за туризам и бизнис логистика; Земјоделски факултет и Факултет за информатика.
* Приватните факултети имаат своја политика на упис. Сите потребни информации за упис се објавуваат и се достапни на веб страните на сите факултети во државата.
Важно: Учениците од четиригодишно стручно образование кои сакаат да го продолжат своето образование на студиска програма различна од средното образование кое го завршиле треба да полагаат Државна матура, согласно критериумите за упис на соодветнот факултет. Доколку ученикот смета дека може самостојно да се подготви и да ги совлада потребните цели/резултати од учење наведени во испитните програми за Државна матура, иако завршил четиригодишно средно стручно образование, може да се пријави да полага Државна матура и на тој начин да го продолжи своето образование во високообразовните институции во државата и странство.
Испитните програми за Државна матура по оддделни предмети се составени согласно наставните програми по одделни предмети во гимназиското образование, додека испитните програми за Државна стручна матура се составени според наставните програми по одделни предмети во стручното образование. Токму затоа учениците од четиригодишното стручно образование, доколку сакаат да полагаат Државна матура, ќе мора дополнително да се подготвуваат по одделни предмети, притоа следејќи ги испитните програми за Државна матура.
Во СОУ „Јане Сандански“ – Струмица секој ученик преку современиот и иновативен наставен процес и посветениот и професионален наставен кадар стекнува знаења и способности успешно да го положи секој од овие видови на испити на крајот од средното образование и да продолжи да ја гради својата иднина согласно желбите и амбициите.
