Утре во Велес патуваат претставниците на нашето училиште на образовното рандеву МАССУМ. На државниот натпревар ќе се натпреваруваат и музичарите од нашето училиште во категориите Соло изведувач и Бенд.
Како солисти ќе настапат Ангела Илиева и Слободанка Караманова од прва година и Ана Цамбулева од втора година. Сите ученички се под менторство на професорката по музика Анита Станковска.
Освен што на пробите слушнавме колку прекрасно звучат нивните изведби, ги прашавме за текот на нивните подготовки и очекувањата.
“Песната која ќе ја отпеам во Велес е вистинска класика на светската музичка сцена што се надевам дека добро ќе помине кај жирито. Подготовките во кабинетот поминаа мошне весело, која атмосфера се надевам дека ќе продолжи и утре. Моето прво учество на ваков државен натпревар го гледам како повод за стекнување самодоверба при јавен настап и големо искуство кое во секој случај може да биде само позитивно“, ни раскажа Ангела Илиева која ќе се натпреварува со песната “Black Velvet”.
Учесник кој веќе има искуство на МАССУМ, дури со награда, е нашата солистка Ана Цамбулева која годинава ќе се претстави со песната “Something’s gotta hold on me”. „Без разлика што учествувам втор пат на овој натпревар, како и пред секој друг настап на сцена, имам мала, но се надевам дека тоа е позитивна трема. МАССУМ е сепак државен натпревар на којшто учествуват средношколци од цела Македонија и претставува еден од поголемите предизвици за мене, особено затоа што се настапува пред стручно жири. Од минатогодишното искуство заклучив дека во Македонија има големи таленти, па нормално е дека имам малку страв поради големата конкуренција. Но, тој страв ќе биде совладан од моите позитивни мисли со коишто сум спремна да заминам, а се надевам дека на крај сите како екипа ќе се вратиме со одличен успех“, рече Цамбулева.
Третиот учесник е Слободанка Караманова која ќе настапи со песната “Son of a preacher man”. На МАССУМ ќе се натпреварува и нашиот училишен бенд кој го сочинуваат: Трајче Крстев, Димитар Бајрактаров, Саше Урдовски, Магдалена Стојанова и Игор Стефановски, под менторство на Денис Кирчанов.
На сите наши музичари им посакуваме големи успеси.