Први впечатоци: Родителите за електронските известувања

Во последно време новитетите во образованието се многу чести, а најактуелни се СМС пораките и електронскиот дневник за родителиmobile

Електронскиот дневник функционира од 2011 година, додека месецов повеќе од 143 илјади СМС пораки, како и известувања на меил адреси се дистрибуирани до родителите за оценките и поведението на нивните деца.

За целиот овој напреден начин на функционирање го побаравме мислењето на родителите кои доброволно ги оставиле своите телефонски броеви и за нив почнаа да функционираат СМС известувања.

„На овој начин почесто добиваме информации за успехот и редовноста на нашите деца, па затоа и навреме може да влијаеме за отстранување на негативностите“, вели Илиева, еден од родителите кои се радуваат на новитетите.

Првите впечатоци се главно позитивни и со голем оптимизам дека овој чекор ќе даде големи резултати.

„Моето мислење како родител за цел овој проект оди во позитивна насока. Презадоволна сум од точноста и дискретноста на информациите кои пристигаат на СМС“, вели Бабулова, родител на ученик во прва година.

Според разговорот со нив, повеќето не го користат е-дневникот со најава за родители бидејќи не знаат како функционира, а некои ги следеле упатствата и успеале да се вклучат.

„Е-дневникот не го користам многу често, само пред тромесечие. Сепак, преку него и преку СМС пораките имаме добар и побрз преглед“, велат оние кои ги имат користено овие нови услуги.

„Со задоволство би ги користеле услугите на e-дневникот само доколку немаше грешки во системот па ќе можевме да се најавиме едноставно и брзо. Од овој проект ќе ги добиеме навремените сознанија за однесувањето на нашите деца. Сепак, се надевам дека случаите каде што биле испраќани погрешни оценки и проблемот со најавата во системот на официјалната веб-страница на e-дневникот набрзо ќе бидат поправени“, вели Влахов – родител на ученик во втора година.

Кога треба да се направи паралела помеѓу досегашниот начин на функционирање, класичното (усно) добивање информации наспроти модерното (електронско), родителите имат поделени мислења.

„Според мене и двата начина на информирање треба да бидат присутни. Го поддржувам модерниот начин, но сметам дека не треба да биде изоставен ниту класичниот. Најдобрите резултати ќе се добијат со комбинација на новото со старото. Мислам дека никому не би требало да му пречи или да го вознемирува една порака за успехот на неговото дете.“

„Понекогаш мислам дека е добро што не известуваат, но дека е премногу. Учениците немаат доволно слобода, но тоа би требало да ги мотивира повеќе да учат, да се залагаат да добиваме позитивни пораки односно резултати. Сметам дека класичното е подобро бидејќи во училиштето може директно да разговараш со професорот, како ја добил оценката, во кој сегмент треба повеќе да се работи, а не само да ја знаеме бројката“, вели Ковачева која после три години класично информирање овој пат затекнува новитети.

Додека едни мислат дека вака се оддалечуваат од посуштинските информации за развојот на нивните деца како ученици во образовниот процес, за други, сосема спротивно овие новитети даваат поголема близина.

„Сметам дека тоа не зближува со процесот на образование на нашите деца и нè информира мошне навремено за да може да преземеме мерки кои ќе го подобрат нивниот успех“, вели Бабулова, една од нашите соговорници.

„Во секој случај класичното е подобро затоа што во пораките или е-дневниците не пишува сè и тоа може да го дознаеме само од поединечните професори“, дополни Шаренковска која сепак вели дека ќе продолжи да го практикува класичното информирање за нејзиното дето.

Иако постоеле случаи кога пристигнувале погрешни информации, погрешни оценки и изостаноци, сепак тоа се мали недостатоци наспроти бројката родители кои добиваат СМС пораки.

„Ваквиот начин на известување, треба да придонесе за навремена информираност за самите родители и правовремена реакција доколку се констатираат определени пропусти во образовниот процес на нивните деца“, смета министерот за образование Спиро Ристовски.

 

Инаку, СМС услугата се активира по желба на родителот кој ги оставил основните податоци кај класниот раководител на паралелката каде што учи неговото дете, а кои се внесуваат во системот на електронскиот дневник. Оние родители кои досега не оставиле контакт телефон, можат да го сторат тоа во кое било време, додека, за родителите кои не сакаат да добиваат СМС пораки како неделен извештај, постои опција истите информации да ги добиваат на нивната електронска пошта.