Викендов во Валандово се одржаа државните натпревари на младински хорови, оркестри и бендови од основните и средните училишта на кои учествуваа и хорот и бендот на нашето училиште. Хорот, под менторство на професорката Анита Станковска како и бендот под менторство на професорот Денис Кирчанов се покажаа како најдобри и ги освоија првите награди.
Тие се пласираа за учество на овие државни натпревари откако на регионалните смотри кои се одржаа во Домот на АРМ во Струмица пред неколку недели успешно се пласираа меѓу трите најдобри хорови и бендови на основни и средни училишта од регионот, каде што имаа конкуренција од вкупно 16 училишта, а освоија по 98 поени од сто можни.
Целта на овие државни и регионални натпревари е да се согледа квалитетот на хорското пеење како и музицирањето на хоровите, оркестрите и бендовите во основните и средните училишта во државата. Истите се организирани од Здружението на музички педагози на Република Македонија, а на овогодинашните државни натпревари учествуваа 21 хор, 17 оркестри од основни училишта и 7 бендови од средни училишта.