Заврши Светскиот ученички куп, нашите ученици со најмногу освоени награди

Заврши локалната рунда на Светскиот ученички куп во Струмица која се одржуваше на 11 и 12 април, каде учествуваа вкупно 368 ученици од основни и средни училишта, а беше една од најмасовните локални рунди на овој куп кои се одржуваат во разни градови низ светот. Ученици од нашето училиште на истата поминаа со најмногу освоени награди во сите категории, а учествуваа и со најмногу тимови.

На локалната рунда во Струмица чиј домаќин е СОУ „Јане Сандански“, вкупно 368 ученици од основни и средни училишта од цела Македонија и регионот се натпреваруваа со помош на своите ораторски способности во тимски дебати, пишување на есеи, а исто така одговараа и на стотици прашања од разни области, сето тоа преку практикување на англискиот јазик како еден од глобалните јазици.

„Посебна чест и задоволство ми е да кажам дека ние сме промотори на овој Светски ученички куп во нашата држава. Досега такво нешто не се случило, и затоа сме посебно горди што бевме домаќини на таков настан“ – вели професорката Верица Јанкова.

Настанот започна преку свечено отворање во големата сала на НУЦК „Антон Панов“, а истиот потоа продолжи во просториите на нашето училиште каде што се одржаа три од четирите области на натпреварување, додека пак на вториот ден истиот повторно се одржа во Центарот за култура каде учениците ја завршија последната натпреварувачка област, го покажаа својот талент пред останатите ученици и ги примија наградите. Настанот освен од НУЦК „Антон Панов“, беше потпомогнат исто така и од Младински Совет.

На церемонијата за наградите која се одржа на вториот ден во Центарот за култура, сите учесници ја добија како подарок од купот алпаката Џери, маскота на натпреварот, а исто така беа доделени и освоените медали и пехари на добитниците. Учениците кои се квалификуваа ќе имаат можност да заминат на една од трите глобални рунди кои се одржуваат во Барселона, Куала Лумпур и Мелбурн, од кои најблиска е рундата во Барселона која ќе се одржува од 22 до 27 јули.

ФОТОГАЛЕРИЈА

542 Вкупно 1 Денес