Најпрестижниот математички натпревар во државата, Македонската математичка олимпијада (ММО) годинава, по 26-ти пат, се одржа на 13 април во просториите на Универзитетот ФОН во Скопје. Од овој натпревар нашите ученици Дмитар Звонимир Митев, ученик во IV година, под менторство на проф. м-р Елена Лазарева и Димитар Џорлев, ученик во I година, под менторство на проф. Петруш Џорлев, како и секогаш, се вратија со одлични резултати. Во конкуренција со најдобрите математичари од државата, и двајцата освоија бронзени медали.
Инаку, минатата година Дмитар Звонимир Митев, по освојувањето на бронзениот медал на ММО, стана петтиот математички олимписки медалист во историјата на гимназијата, во нејзиното 75-годишно постоење. Годинава го завршува своето образование во нашата гимназија, оставајќи зад себе освоени 6 златни и 2 бронзени медали од Меѓународни и Државни натпревари по математика, многу признанија, сертификати, дипломи и пофалници.
Нашиот ученик од I година, Димитар Џорлев, учесник на многу државни и меѓународни натпревари во повеќе области, кадешто секогаш освојува медали, стана шестиот математички олимписки медалист на гимназијата. Следните натпревари што му претстојат се Европската (EuPhO) и Интернационалната олимпијада по физика (IPhO).
На овогодинешната Македонска математичка олимпијада, под менторство на проф. Петруш Џорлев, од нашето училиште учествуваа и учениците од I година, Раде Перовановиќ и Димитар Трајков.