ЗА НАС

Мисија

СОУ „Јане Сандански“ како свој приоритет го има создавањето квалитетен кадар кој вистински ќе се вклопи во современото општество и достојно ќе го презентира училиштето преку сопствениот успех при понатамошното школување во високо-образовните институции во државата и надвор од неа. Интеракцијата и меѓуетничкиот дијалог се нашата силна страна во промовирањето на различностите, толеранцијата и заемната почит.

Визија

Сакаме нашето училиште да стане лидер во образување кадри од гимназиското образование и економската струка во југоисточна Македонија и добро организирана, материјално-технички опремена и кадровски солидно екипирана образовна установа во која меѓуетничката соработка ќе им обезбеди еднакви услови за напредување на припадниците од сите етникуми. Сите капацитети, човечки и материјални, ги насочуваме нашето училиште да стане многу посакуваниот „втор дом“ за секој ученик.

Историја

Струмица ги бележи своите никулци на гимназиско образование во првата деценија на 20-от век. Во 1944 година АСНОМ ја донесува одлуката за отворање на училишта за гимназиско образование во градовите на НР Македонија.

Нашето училиште ја започнало својата работа на 5 февруари 1945 година, кога за првпат бил одржан час на македонски јазик. Гимназијата во Струмица на почетокот работела во зградата во која денес е сместен музејот. Учениците тогаш ја следеле наставата во скромни услови. Неколку години подоцна е изградена зградата во која денес се наоѓа училиштето.

Со развојот на регионот и потребите на жителите, Струмичката гимназија по десетина години од своето основање, во учебната 1955/56 година во својата програма, покрај гимназиското, го воведува и економското образование.

Локација

СОУ „Јане Сандански“ се наоѓа во централното градско подрачје на Струмица, на градскиот плоштад „Гоце Делчев“. Местоположбата на нашето училиште ги нуди сите потребни услуги. Во непосредна близина се наоѓа библиотеката „Благој Јанков – Мучето“, Центарот за култура „Антон Панов“, Основното училиште „Сандо Масев“, зградата на Општина Струмица, Домот на АРМ и другите важни институции во градот.

Информации

Училиштето е формирано од страна на Собранието на општина Струмица. СОУ ,,Јане Сандански“ од Струмица е регистрирано како самостоен правен субјект во Окружниот стопански суд во Штип со судското Решение бр.1-658-0 срег 34/06 од 28.02.2006 г. Училиштето има решение за верификација на гимназиско образование бр. 09-245/1 од 15.05.2004 г. и економско образование бр. 11-830/2 од 11.05.2006 г. издадени од страна на Министерството за образование и наука на Република Македонија.