Интерен оглас за запишување ученици во прва година во учебната 2026/2027 година (второ пријавување во јунски уписен рок)

Интерен оглас за запишување ученици во прва година во учебната 2026/2027 година (второ пријавување во јунски уписен рок)

Врз основа на чл. 118 од Статутот на Средното општинско училиште „Јане Сандански“ – Струмица и Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта во учебната 2026/2027 година во Република Северна Македонија, Училишната комисија распишува

ИНТЕРЕН ОГЛАС

за запишување на ученици во прва година во учебната 2026/2027 година (второ пријавување во јунски уписен рок)

I. УСЛОВИ ЗА ЗАПИШУВАЊЕ НА УЧЕНИЦИ

Во прва година ќе се запишат 220 ученици во 7 паралелки со настава на македонски јазик според наставните планови и програми за следните слободни места:

ГИМНАЗИСКО ОБРАЗОВАНИЕ

  • 44 ученици
  • 4 год. траење
  • минимум 60 поени

ЕКОНОМСКО-ПРАВНА И ТРГОВСКА СТРУКА

ЕКОНОМСКИ ТЕХНИЧАР

  • 43 ученици во 2 паралелки
  • 4 год. траење
  • минимум 60 поени

ЕКОНОМСКИ ТЕХНИЧАР ВО СОРАБОТКА СО КОМПАНИИ

  • 13 ученици во 1 паралелка
  • 4 год. траење
  • минимум 60 поени

Кандидатите ќе се запишуваат врз основа на условите и критериумите за запишување на ученици во I-ва година во средното образование во учебната 2026/2027 година во Република Северна Македонија утврдени во Законот за средно образование, Законот за стручно образование и обука, Законот за спортска академија и Конкурсот за запишување ученици во прва година објавени од страна на МОН.

Кандидатите кои според критериумите по сите основи нема да освојат минимум 60 поени нема да бидат рангирани.

Наставни предмети од основно образование кои се предвидени во критериуми за рангирање на успехот на учениците

Економско-правна и трговска

  • Задолжителни предмети: Мајчин јазик и англиски јазик
  • Предмети од значење за струката: Математика, историја

Гимназиско образование

  • Задолжителни предмети: Мајчин јазик и англиски јазик
  • Предмети од значење за изборното подрачје: Математика, историја

Услови за запишување на учениците се:

  • да имаат завршено основно образование;
  • да не се постари од 17 години, а ученик со посебни образовни потреби да не е постар од 25 години;
  • да се определиле за план и програма за еден од следните видови образование (гимназиско или стручно);
  • да ги исполнуваат критериумите утврдени во Конкурсот за запишување ученици во прва година.

Учениците од ромската етничка заедница можат да се запишат во одредено јавно средно училиште ако имаат до 10% помалку поени од бројот на поените предвидени согласно Конкурсот за соодветните наставни планови и програми и ако ги задоволуваат дополнителните критериуми за испит на знаење и вештини во соодветното училиште. Примената на оваа афирмативна мерка се врши по завршувањето на рангирањето и не влијае врз статусот на веќе рангираните кандидати кои го исполнуваат минималниот пропишан број на поени.

II. ПОТРЕБНИ ДОКУМЕНТИ ЗА ЗАПИШУВАЊЕ

По успешното електронско пријавување, учениците во избраното училиште ја доставуваат следната документација:

  • пријава за запишување (пријавата учениците ја генерираат со печатење на електронската пријава преку системот на е-услуги);
  • оригинални свидетелства од VI до IX одделение;
  • извод од матичната книга на родените (без оглед на датумот на издавањето);
  • дипломи за освоени I, II и III место од меѓународен натпревар и/или освоено прво место на државен натпревар;
  • проценка за попреченост од системот за проценка на лица со попреченост.

Документите да не се испраќаат по пошта.

III. КОНКУРСНИ РОКОВИ

Пријавувањето и запишувањето на учениците се врши во јунски уписен рок со две пријавувања во месец јуни.

Пријавувањето на учениците ќе се врши електронски преку порталот за електронски услуги на МОН Uslugi.gov.mk со посебна најава за ученици преку сопствените кориснички сметки на Schools.mk.

Второто електронско пријавување на учениците ќе се врши на 23 јуни од 00.00 часот до 23.59 часот.

Доставувањето на потребната документација до училиштата е на 24 јуни од 08.00 до 15.00 часот.

Конечната ранг-листа за секое училиште со резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 25 јуни 2026 година, најдоцна до 12.00 часот на јавно место во училиштето и/или на училишната интернет страница.

Квалификационото тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на 29 јуни 2026 година, а конечните ранг-листи со резултатите ќе се објават истиот ден, на јавно место во училиштето.

Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места и ги исполнуваат условите пропишани со Конкурсот после јунскиот уписен рок со две пријавувања.

  • Пријавување на учениците ќе се врши на 20 август 2026 од 00.00 часот до 15.00 часот електронски.
  • Доставувањето на потребната документација до училиштата е на 21 август од 08.00 до 14.00 часот.
  • Конечната ранг-листа за секое училиште со резултатите од запишувањето ќе се објави истиот ден најдоцна до 19.00 часот.

По објавување на конечните ранг-листи со резултатите од запишувањето, учениците кои не се запишани во училиштето, задолжително ја подигнуваат целокупната доставена документација поднесена во училиштето во рок од 24 часа, а училиштата имаат обврска да ја вратат целокупната документација на учениците во рок од 24 часа.

IV. КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР

Критериуми за избор на учениците се:

  • среден успех на ученикот од VI – IX одделение;
  • среден успех на ученикот постигнат по четири предмети (мајчин јазик, англиски јазик и два предмети што се од значење за струката);
  • дипломи од освоени (I, II и III) места од меѓународен натпревар, како и освоено прво место на државен натпревар организиран од акредитирани здруженија на наставници за реализација на натпревари во основно образование од страна на МОН;
  • средна вредност од поени добиени за поведение од VI до IX одделение.

Во училиштата каде што се пријавуваат поголем број ученици кои ги исполнуваат предвидените услови од планираниот број предвиден во овој конкурс, се организира квалификационо тестирање по наставниот материјал од осмо и деветто одделение по мајчин јазик и математика.

За средниот успех од VI до IX одделение ученикот може да добие најмногу 50 поени.

За средниот успех постигнат од четирите предложени наставни предмети ученикот може да добие најмногу 20 поени.

За освоено прво место на државен натпревар организиран од акредитирано здружение на наставници за реализација на натпревари во основно образование од страна на МОН, ученикот може да добие 3 поени.

За освоено прво, второ или трето место, односно златен, сребрен или бронзен медал на меѓународен натпревар ученикот може да добие 5, 4 или 3 поени соодветно.

За средна вредност од поените за поведение од VI до IX одделение ученикот може да добие најмногу 5 поени.

За учениците кои завршиле деветто одделение во Република Северна Македонија, а едно, две или три одделенија (VI, VII или VIII) завршиле во странство, за тие одделенија се зема успехот од деветто одделение и важат истите критериуми за избор на ученици дадени погоре.

Директор

Зорица Витанова