СОУ „Јане Сандански“ – Струмица успешно го реализираше Erasmus+ проектот со наслов „Инклузивно образование преку иновативни дигитални решенија: добри практики и нови пристапи“ и регистарски број 2025-1-MK01-KA122-SCH-000307592.
Во рамките на проектот, осум наставници учествуваа во мобилност од типот Job Shadowing, при што се стекнаа со нови знаења, искуства и практични вештини во областа на инклузивното образование, примената на современи дигитални технологии и иновативните наставни методи. За време на мобилноста тие имаа можност непосредно да ги набљудуваат добрите практики на институциите домаќини- училишта, центри за инклузија , културни центри,општински министерства за образование и култура од Пловдив , Р.Бугарија и регионот да разменат искуства со колеги од друга европска земја и да се запознаат со современи пристапи за подобрување на квалитетот на наставниот процес.
По успешно реализираната мобилност беше организирана дисеминација на резултатите во училиштето, на која учесниците ги презентираа стекнатите знаења, искуства, примери на добра практика и иновативни дигитални алатки пред целиот наставен кадар. Преку оваа активност беа споделени научените методи и идеи за нивна практична примена во наставата, со што се овозможи придобивките од проектот да ги почувствуваат и наставниците кои не беа директни учесници во мобилноста. Резултатите од проектот беа споделени и со наставници од други училишта, придонесувајќи кон поширока размена на искуства и добри практики.
Стекнатите искуства и знаења ќе придонесат за понатамошно унапредување на квалитетот на наставата, развој на поинклузивна и современа образовна средина, како и за поголема примена на дигиталните технологии во наставниот процес.
СОУ „Јане Сандански“ – Струмица продолжува да чекори напред, инвестирајќи во професионалниот развој на наставниците, примената на иновативни дигитални решенија и воведувањето на современи европски добри практики во образованието, со цел обезбедување поквалитетно образование за сите ученици.
Проектот е финансиран од програмата Erasmus+ на Европската Унија.

