Евроамбасадорот Самуел Жбогар во посета на училиштето

Во рамки на кампањата „ЕУ за тебе“, шефот на делегацијата на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар, беше во посета на Струмица и преку својата агенда за средби со младите од училишта низ цела Македонија, по последните три средби во Демир Хисар, Кочани и Тетово, се сретна со учениците од нашето училиште.

Евроамбасадорот Жбогар разговараше со директорката Невенка Стојанова, а потоа на едночасовната средба со струмичките средношколци зборуваше за прашања кои се актуелни во Европската Унија, за интеграцијата на Македонија во ЕУ, како и за проблемите со кои младите се соочуваат во земјава.

„Имаше многу различни прашања од типот на климатските промени и влијанието на околината, Брегзит, кои се придобивките од вклучувањето на Македонија во ЕУ, но и кои би биле недостатоците“, изјави амбасадорот Жбогар.

На средбата евроамбасадорот им посака успех и на тројцата наши ученици кои наредната недела ќе отпатуваат во Брисел за да ја претставуваат земјава на настанот „Твоја Европа, твој збор“ организиран од Европскиот економски и социјален комитет, на кој ќе учествуваат ученици од 33 училишта од Европа и ќе се дебатира за ЕУ и за претстојните избори на унијата.

„Дискусијата со учениците беше навистина интересна, жива дискусија со интересни коментари, со коректни и интересни прашања, што секогаш ме потсетува зошто ги правиме токму овие активности. Таа комбинација на енергија и возбуда околу приклучувањето кон ЕУ, но истовремено и имањето критички став и преиспитувањето на самата унија, е она што не тера да ги посетуваме училиштата и да разменуваме искуства“, додаде Жбогар.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Напишете коментар