Во просториите на кабинетот по Физика во нашето училиште минатиот четврток се одржа презентација на која беше демонстрирана употребата на Лего робот во наставата. Професорот по Физика Ванчо Белчовски го презентираше делот поврзан со физика, додека професорот по Иноформатика Бобан Цветковиќ, делот од презентацијата за програмирањето на роботот во програмскиот јазик Пајтон.
Темата на лекцијата која ја следеа учениците беше „Коефициент на триење“ – поим, примена, пресметување на коефициент рачно и на современ начин, користејќи се токму со Лего роботот.
На презентацијата присуствуваа ученици од сите четири години, како и професори во нашето училиште кои предаваат предмети од Природно-математичкото подрачје.
Нашето училиште успешно го спроведува Еразмус + КА2 проектот „Пробот“ чија цел е учење на програмирање со помош на роботот, кој проект се имплементира во нашето училиште заедно со уште пет други средни училишта од европски држави – Полска, Италија, Словенија, Литванија и Грција, а носител е факултетот во Катовице, Полска.
Проектот започна во ноември 2017, а треба да заврши во август 2020. Оваа година се работеше на развој на лекции кои се нови и иновативни, а наставниците по Информатика, Математика и Физика можат да ги користат во наставата, при што се користи програмирање како основна врска меѓу лекциите и роботот Лего Мајндсторм ЕВ3, набавен за потребите на проектот.