Минатата недела во Брисел се одржа јубилејно 10-то издание на настанот „Твоја Европа, твој збор“ (Your Europe Your Say) на кое годинава претставник од Македонија беше нашето училиште, учествувајќи со тројца ученици предводени од професорката Катерина Калева Тасева.
Нашите ученици Митко Ников, Надица Трајкова и Стојан Стојанов учествуваа во повеќе активности во Брисел преку кои имаа можност да ги искажат своите ставови како млади жители на Европа и стекнаа познавање и размена на мислења со врсници од 33 земји-членки на Европската Унија и кандидати за членство во унијата.
Стотината ученици кои учествуваа на настанот беа групирани во десет групи, така што секоја од нив работеше на посебна тематика и проект за истата. Своите проекти потоа самите тие ги гласаа, избирајќи 4 најдобри, кои понатаму ќе ги разгледува Европскиот комитет за економски и општествени прашања и истите треба да бидат претставени пред Европскиот Парламент.
Покрај останатите прашања за потребите и недостатоците на младите во Европа, на 10-от YEYS настан актуелно беше и прашањето за изборите на Европскиот Парламент кои треба да се одржат во мај годинава, како и за излезеноста на младата популација во ЕУ на изборите.