По повод на Регионалната Конференција на Мајкрософт во Образование и Јавниот сектор на Мајкрософт ЦИЕ, во соработка со Министерството за образование и наука на Р. Македонија се случи изложба на најиновативните проекти од страна на наставниците со примена на ИКТ во наставата. Единствен претставник од Струмичкиот регион беше Софија Тошева, професор по информатика и програмски јазици, која беше и дел од 35-те финалисти од Југозападниот Балкан кои на 4 декември во Александар Палас ги презентираа своите проекти.
Нејзиниот проект „Show the world what we’ve learned” се однесува на учење преку проекти со изработка на web страни, воедно користење на повеќе технологии, меѓу кои и алатката Microsoft SharePoint Workspace за web дизајн. Со алатката SharePoint, учениците имаат можност во позадина да го гледат HTML кодот, да ги менуваат таговите, да создаваат сопствени решенија на дизајнот , воедно учат програмски скриптен јазик, кој е дел од наставните содржини.
„Апликацијата беше долга и комплицирана и цел месец работев на неа. Требаше да се приложат докази за сè што е работено, да се закачат проекти, линкови, материјали, всушност да се опише активноста на учење, кои се придобивките на учениците, како тоа ќе ги поттикне да учат и креираат…“, вели професорката за своето искуство на конференцијата.
Цела апликација била на англиски, директно во базата на PIL (Partners in Learning), каде сите наставници во базата на Microsoft си ги гледаат проектите меѓу себе и на тој начин разменуваат искуства и се подобруваат како едукатори.
Со 180-те пријавени професори со свои проекти овој настан покажа решенија и добри практики кои го вметнуваат процесот на учење како дел од животот, притоа овозможувајќи им на врвните едукатори да покажат како технологијата може да го модернизира процесот на учењето и да ги подобри резултатите од него.