Тие пишуваат – вие учите: Имам сон

Уште една нова категорија на нашиот сајт со која ќе објавуваме најдобро оценети есеи напишани за писмена работа или за литературен конкурс. Треба да напишете есеј за одредена тема од материјалот, а немате мотивација, идеја или концепт? Отворете ја оваа рубрика и добијте помош преку примерите од нашите ученици.

beti
                                                         Имам сон на Елизабета Муканова (четврта година)

Мартин Лутер Кинг е човекот кој успеал да ги помести границите на општеството, промовирајќи ги општочовечките и универзалните вредности за еден подобар свет исполнет со мир, хармонија, еднаквост и љубов.

Го поседувал најмоќното оружје на светот, љубовта и мудроста. Моралната чесност била неговиот заштитен знак, а чувствотоза добро и лошо – неговата водечка сила. Имал силна верба дека еден ден лошите звуци на нацијата ќе се изменат во една прекрасна симфонија на братството. Верувал во својата способност од планината на очајот да издлета камен на надежта. Едно начело му давало храброст, а тоа е начелото дека ниедно зло не трае засекогаш, ниту пак многу долго. Во борбата против расната дискриминација бил инспириран од Гандиевите мисли и методи, а воден од љубовта кон Бога. Го избрал вистинскиот пат што ќе доведе до промени-патот на ненасилството. Секоја криза ја сфатил како можност за повторно зачнување, за повторно раѓање, можност за избор на промената која ќе помогне во созревањето и чувството на исполнетост. За него едно било сигурно, дека неправдата мора да биде изведена на виделина, на отворено и само така ќе биде решена. Сметал дека обесправените не можат да останат обесправени засекогаш, затоа што желбата за слобода се манифестира сама по себе. Големиот камен на сопнување на црнците за него биле умерените белци кои биле повеќе посветени на „редот“ отколку на правдата, кои претпочитале негативен мир, што е отсуство на тензија, отколку позитивен мир, што е присуство на правда. Знаел дека патот изграден во надеж е попријатен за патникот, отколку патот изграден во очај, дури и тогаш кога двата пата водат во иста дестинација. Во неговата мисија бил придвижен од неговиот сон, дека еден ден неговата нација ќе се дигне и ќе го спроведе на дело вистинското значење на своето кредо; за вистините што се очигледни, дека сите луѓе се создадени еднакви, дека еден ден неговите четири деца ќе живеат во земја во која нема да бидат ценети според бојата на нивната кожа, туку според содржината на нивниот карактер. Неговиот сон, неговата визија и денес живеат во срцата на праведните луѓе, на сите оние кои охрабрени од сеќавањето на праведните луѓе, на сите оние кои охрабрени од сеќавањето на единствениот и неповторлив Мартин Лутер Кинг го продолжија неговиот пат, таму каде што судбината го натера да застане.

И јас имам сон. Верувам дека еден ден во мојата земја ќе се искорени сиромаштијата и невработеноста и дека таа ќе стане парче отцепено од рајот и во неа ќе се живее достоинствено и среќно. Верувам дека еден ден луѓето кои живеат во мојата земја ќе го победат човечкиот егоизам, алчноста и недостигот од љубов и во секое катче од мојата земја ќе царува хуманоста, а нечија рака секогаш ќе биде тука за поддршка во тешките мигови на оној на кого му е потребна, како резултат на една безусловна љубов кон другите луѓе. Верувам дека еден ден ќе живееме во свет во кој ќе се надмине рамнодушноста на времето за потребите на духовното живеење. На светот има толку многу убавини за сите нас, само ако имаме очи да ги видиме, срце да ги сакаме и раце да ги прегрнеме. Затоа, најди време да сонуваш – тоа е патот до ѕвездите. Најди време да бидеш љубезен – тоа е патот до среќата. Најди време да погледнеш околу себе – денот е прекраток да бидеш себичен. И под најгустите облаци има ѕвезди, а светлината никогаш не е толку убава, како што е во присуство на темница.